МЕЃУНАРОДНА ИЗЛОЖБА – ,,ВОЈНА НА СЕТИЛАТА/ВОЈНА ВРЗ СЕТИЛАТА“, 5 декември, 20 часот, МСУ – Скопје
Уметници: Лоренс Абу Хамдан, Бејрут урбан лаб, Центар за просторни технологии, Форензичка архитектура, Кумјана Новакова, Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд од колективот ЈоХа и во соработка со Метју Фулер
Куратори на изложбата се Метју Фулер и Тихомир Топузовски.
Војната е сеприсутна денес. Како да го сфатиме тоа? Војната зазема сè повеќе простор посредувана преку технологиите, кои влијаат врз нашите сетила, како и врз нашите дејствувања. Покрај уништувањата што ги предизвикува војната, таа дејствува преку сферата на сетилноста и врз сетилата. Сензорните технологии влијаат и ги посредуваат начините на кои ние го искусуваме, спознаваме, интерпретираме, класифицираме и опстојуваме во светот, како и на трагите од нашите постапки.
„Војна на сетилата/Војна врз сетилата“ ja воочува естетиката како основна на феноменот на војната. Сетилата се клучно место преку кое се проследува војната, притоа станувајќи и нејзини цели. Имено, гледајќи ги конфликтите како енормна количина податоци кои циркулираат онлајн со значителна брзина, тие ги трансформираат чувствата и искуствата; особено преку она што се подразбира како информатичка војна, кампања на дезинформации, како и автоматизираноста на самото војување денес. Развојот на технологијата ги прераспределува приказите на кризите и воените конфликти претставувајќи место на одвивање на војната, како и дел од секојдневните вести.
Изложбата се фокусира на релациите помеѓу современите дигитални технологии и продукцијата, дистрибуцијата, интерпретацијата и користењето слики како евиденција за војната во насока на истражување на поврзаноста помеѓу естетиката и насилството. Изложбата прикажува шест проекти кои ги истражуваат и анализираат овие состојби. Секое поединечно дело влијае на начините на разбирањето одредени случаи, воедно приложувајќи евиденција тие да претставуваат и повик за праведност.
Биографии на учесниците:
Лоренс Абу Хамдан е независен истражувач во полето на звукот. Неговите истражувања се сосредоточени на звукот и говорот, користејќи ги нив како докази во Трибуналот во Велика Британија за азил и имиграција. Исто така, неговите дела се застапувани од организации како што се Amnesty International и Defence for Children International. Абу Хамдан има докторирано во 2017 година на Универзитетот „Голдсмит“ во Лондон и добитник е на наградата „Тарнер“ во 2019 година заедно со неколку уметници, истата година.
Beirut Urban Lab е интердисциплинарна група со седиште на Американскиот универзитет во Бејрут. Оваа група реализира истражувања кои се однесуваат на урбанизацијата со цел документирање и разбирање на процесите на трансформациите во Бејрут, Либан, поширокиот регион, како и градовите воопшто. Посветени на визуелните пристапи и методологии, Beirut Urban Lab имаат создадено географски бази податоци, интерактивни платформи и повеќекратни мапирања на урбани системи во текот на изминатите години, со крајна цел замислување алтернативни модели на просторно закрепнување и обновување.
Центарот за просторни технологии е интердисциплинарен истражувачки колектив од Киев, специјализиран во правење просторни анализи, визуализирања и моделирања. Нивните практики вклучуваат документирање и анализирање на бројни случаи на насилства во Украина денес.
Колективот „Форензичка архитектура“ е истражувачка група со седиште во Лондон, основана во 2010 година. Преку користење архитектонски модели, уметнички цртежи и анимации, тие воспоставуваат нови форми на истражувања поврзани со човековите права. Нивната работа е користена како доказен материјал во меѓународните судови, и исто така е преставена во најреномираните уметнички институции низ светот.
Кумјана Новакова е режисерка и кураторка. Заедно со Гилермо Карерас го режира филмот „Вознемирена земја“. Исто така, Новакова е главна кураторка и директорка на „Право-људски фестивал“ во Сараево. Новакова ги истражува јазиците на кинематографијата поврзани со односите меѓу моќта, војната, сеќавањата и отпорот.
„ЈоХа, (Мацуко Јокоџи и Грахам Харвуд)“ е уметнички колектив од Англија. Тие првенствено работаат на начините преку кои технологиите на базите на податоци создаваат различни видови општествени услови. За овој проект, како и за некои други, „ЈоХа“ соработува со Метју Фулер, ко-куратор на оваа изложба. Метју Фулер е професор по Kултурни студии на Голдсмитс, Универзитетот во Лондон. Како теоретичар на културата, неговата истржувачката работа е во сферата на уметноста, науката, политиката и естетиката.
Графички дизајн – Денис Сарагиновски
Изложбен дизајн – Јован Ивановски