Мексико: Демонстрации ширум земјата против политиката на Трамп

Сподели

Десетици илјади лица ширум Мексико вчера организираа демонстрации против политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).

Протестите се организирани во 20 градови ширум земјата, а демонстрантите бараа од Трамп да покаже почитување кон народот на Мексико.

Демонстрантите, кои од претседателот на Мексико Енрике Пена Нието бараа да ги заштити правата на својот народ, протестираа против планот на Трамп да подигне ѕид на границата со САД како и против намерите да ги депортира мигрантите.

„Тука сме да протестираме против одлуката на Трамп за подигањето на ѕидот и да ги поддржиме Мексиканците кои работат во САД”, изјави адвокатот Емилијано Монтес де Ока.

Лидија Сеговиа изјави дека ја осудуваат расистичката политика на Трамп.

Протестите ги организираа 80 невладини организации, а демонстрантите со знамиња во рацете ги извикуваа слоганите против американскиот претседател.

Организирани се протестни маршови, а демонстрациите се завршени по интонацијата на химната на Мексико.

Американскиот претседател Доналд Трамп за време на изборната кампања повеќепати повтори дека има за цел да подигне ѕид на границата со јужниот сосед, а дека трошоците за проектот ќе ги плати Мексико. Претседателот на Мексико, Енрике Пена Нието, неколкупати повтори дека неговата земја нема да го стори тоа.

 Anadolu Agency