„Министерство за правда во изминатиов период работеше на усогласување на законската рамка за независно, непристрасно и ефикасно судство.
Очекуваме сите фактори во сферата на правосудството, судовите, Судскиот совет, Адвокатската комора, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители да работат согласно законите со цел да се врати довербата во правосудниот систем.
Единствено судски постапки кои се водат во разумен рок со почитување на правата на обвинетите, судски постапки во кои не се злоупотребуваат процесни права и судски постапки во кои судиите судат врз основа на утврдени докази, а не под притисок на било кој, може да резултираат со судски одлуки кои ќе бидат основа на градење на систем заснован на правда.
Од тие причини, апелираме сите носители на јавни овластувања во судските постапки – судиите, адвокатите, обвинителите, да го почитуваат законот, а доколку дојде до негово прекршување – истото да биде санкционирано. МП до сега не коментираше актуелни судски постапки и останува на тој став, почитувајќи го принципот на немешање на извршната во судската власт – се наведува во соопштението од Министерството за правда, по апелот од Основниот суд Скопје за преземање соодветни мерки против закани и притисоци кон судот.