Во сеопштото оглупавување во нашето време, кога очигледната слабоумност и интелектуална плиткост на антикомунистичките теоретичари и историчари и нивните дела, се издигнуваат преку пропагандата до особини за идолопоклонство, добро е да се потсетиме на партизаните, да се потсетиме на нивната силна волја и морална моќ, да се потсетиме, на пример, на нашиот Мите Богоевски за кого „затворот бил сфаќан „како играчка на волјата“, оти кога ќе стигнеш во него ти „треба цврстина“ која ќе ти овозможи да не ти ја скршат волјата и вербата, “зошто ако еднаш признаеш, сè ќе признаеш! Дури и тоа што не е твое. И тоа што си го заборавил. Ако пак си тврд, и ништо не признаеш, тогаш си невин.“/Ацо Филип, Мите Богоевски поет-револуционер./
Јас си спомнувам, во овој контекст, дури и за големиот Никола Вапцаров кој во затворската ќелија ги запиша вехементните стихови: „Безмилосна е борбата/и волчка/ И велат криела епичности/ Јас паднав/и точка/ што тука значи некаква си личност?“ Кога мислам на овие зборови на Вапцаров, чувствувам како тие негови зборови татнат, ѕвонат и клокотат, сфаќам дека се величенствено остри, крајно доследни, кристално јасни, целосно идејно заокружени, елегантно моќни… Неговата мисла пренесена преку неколкуте претсмртни зборови е величенствено емотивна, се чувствува дека трепери меѓу силните контрасти на поминатиот живот во борба и смртта која е сосема блиску, меѓу инстиктот и умот, меѓу страста и недостигнатата цел и, природно и нормално, ова негово мислење ме остава вдахновен, воодушевен, без здив… Но, токму со овие строфи на нашите борци-зборотворци, строфи во кои се собрани интензивни и искрени чувства, денес се јавува дилемата: Зашто да се пишува вистински, кога вистинитите песни не служат ни за најобична дијагноза, а фалшивите, неискрени, плитки и лажни песни, кои масовно ни се нудат и продаваат можат да прелажат цели генерации?
Мислејќи на партизаните разбирам што е вистинска борба, борба со посилен противник, борба која се чини дека однапред е осудена на неуспех, па ми доаѓаат сеќавања на Неретва, Сутјеска, Фебруарскиот поход… Сфаќам колку успеаа да не прелажат за македонскиот патриотизам, кога ни “ја продадоа“ приказната дека родољубието се мери со барокни споменици, или со често удирање во гради седејќи во полупијана или пијана состојба по кафеаните, или со бестијална омраза кон политичките конкуренти… Сфаќам колку успеаа да го узурпираат и деградираат македонскиот патриотизам. Ми текнува на Киро Гавриловски и и Круме Волнароски, кои иако сардисани од бугарските фашисти, без изглед да се пробијат низ обрачот, ги одбиле сите понуди да се предадат, ги одбиле “државните служби“ и парите кои им ги нуделе за предавство, пееле партизански песни и им довикувале на војниците и полицајците дека и “смртта е слатка за слободата“. Разбирам дека овие наши луѓе, сфатиле дека треба да се презира бесмислата и грдоста на живот со националното и социјалното ропство и, бидејќи тоа го сфатиле, решиле дека не сакаат да живеат со таков скотски живот, па се упатиле кон она што секој нормален човек би требало да сака да биде – Човек! И стигнале до вистинскиот – патриотизам! И, се избориле за создавање на македонската национална држава! Онаа истата која денешниве неспособни медиокритети и врховистички платеници ја крчмат и уништуваат! Всушност, мислејќи на партизаните, сфаќам дека наспроти денешнава приземна трка по профит, тие биле водени од мисли од повисок ред, од мисли кои го оправдуваат човековото достоинствено постоење под ѕвездите.
Живееме во историски период кога луѓето се заплеткани во свои крвави и примитивни противречности, а светот се прлпелка во крвави пресметки околу нафтоносните полиња и поголемиот профит. Денес, филозофијата на класната борба на мнозинството од човечката популација им е смислено искривено претставена како некој вид на илузија и утопија. Затоа, во ова наше вампирско невреме, стварноста која е преполна со експлоатација, искористување и неправда, само пече и боли. Јас, пак, мислејќи на партизаните, го сфаќам ужасот од неостварените соништата и планови на “малите“ работни луѓе, го сфаќам ужасот од мртвите детства кои се такви заради робовската експлоатација, ја сфаќам целата трагедија на профитабилните војни и контролираните епидемии со нивните масовни умирања. Мислејќи на партизаните, на оние, сега веќе митски и легендарни партизани, сфаќам дека вистината испловила подалеку ова клање и подалеку од ова наше лудило, испловила и стигнала до ѕвездите, каде тивко и мудро трепери и тоа треперење ништо не може да го спречи. Потребен, дефинитивно потребен, ќе ни биде нов партизански јуриш кон ѕвездите. Ама, претходно, секој од нас, сегашните и идните, треба да помисли на партизаните и, што би рекол умниот Фридрих Ниче, “..мора да реши колку вистина може да поднесе“?!