МИСЛЕЈЌИ ГИ ПАРТИЗАНИТЕ (4) – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

litovski-foto

Мислејќи ги партизаните сфаќам дека нè зафати она што некои во социологијата го нарекуваат „лажно сеќавање“. Така кај нас наеднаш и ненадејно многумина се сетија дека биле „репресирани“ и се самопрогласија за „жртви на комунизмот“, па бројката на наводно репресирани нагло почна да расте до неверојатни размери. Наеднаш и ненадејно се направи обид Јосип Броз Тито во колективното сеќавање од најголем и најчесен политичар, да се претвори во „диктатор“ и „крволок“. Наеднаш и ненадејно се јавија луѓе кои ни објаснаа дека сме биле национално „обесправени“ и политички „тероризирани“.

Меѓутоа, проблемот на измеќарите на портокаловата лудницата во која сме денес сместени е тоа што никако нема да можат да објаснат како никој од овие денешни прононсирани антикомунисти не проговорил за „комунистичкиот терор“ цели педесет години, цел нивeн активен животен век, а наеднаш по победата на самопрогласената „преродба“ им текна да зборуваат на таа тема? И, впрочем, каде беа тие антикомунисти затворани и репресирани? Што работеа и од што живееја? Зарем не беа скоро сите универзитетски професори или на некаква солидна државна плата? Всушност, размислувајќи за ова вештачко „наеднаш и ненадејно“ создавање на комплетно лажно сеќавање, сфаќам дека тоа е само последица на македонскиот колективен полтронски дух, кој секогаш настојува да се приклони кон „победниците“. Секако, тоа е и последица на флексибилниот р’бет на некои антикомунистички амеби, кои се појавуваат на медиумската сцена во прескапо платените и, дури може да се каже, преплатените владини историски документарни емисии.

Мислејќи ги партизаните се прашувам: Дали тие наши храбри и чесни луѓе биле непријатели на Македонија, онакви какви што се обидуваат да ги претстават денешниве фашизоидни десничари? Дали тоа што на крајот на борбата ја создадоа македонската национална држава е нешто што заслужува осуда, исто онаква каква што лапидарно редовно ја изрекуваат бугарските националисти? Дури и сите до еден и сите безрезервно да верувале во „комунизмот“, дали во 1942 или 1943 година ја избрале полошата опција од македонски национален аспект? А кои биле другите опции? Да се приклонат кон „бугарските ослободители“ или кон „големосрпските борци на Дража Михајловиќ“ за воскреснување на кралска Југославија? Немо да гледаат како цел слободољубив свет се бори против фашизмот, а тие да го поддржуваат фашизмот, како што го направија тоа денешните македонски ревизионистички „херои“ од типот на Иван Михајлов? Мирно да и се придружат на бугарската власт која ги сатанизираше, деградираше и, на крајот, ги екстрадираше до логорите на смртта Евреите? Онаа бугарската власт која, без никакви задршки и дилеми, го негираше македонскиот национален индивидуалитет? Зарем треба денес да се срамиме и молчиме за време на партизанските празници и комеморации, како што тоа го прават нашите демохристијански политичари? Зарем со тоа не се праќа порака кај нас и во светот дека оние што носеле партизанска униформа се вредни само за презир и игнорирање? Зарем така не се лустрира и антифашистичката борба, победата, слободата и македонската државност? А посредно не се лустрираат и антифашистичките сојузници, „браќата по оружје“, од армиите на Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз?

Мислејќи ги партизаните сфаќам дека нашата основна интелектуална мисија треба да  биде собирање на сета политичка, интелектуална и културна свест за нашата национална појава во просторот и времето. Свест која отпорано, преку туѓородните пропаганди, е нестабилна и оситнета, а денес преку историографскиот ревизионизам, промовиран од неколкумина проврховистички адепти, е хипертензична, опскурна и антицивилизациска. Сакам да кажам дека првенствена задача треба да биде работата на негувањето и зацврстувањето на свеста за македонскиот антифашизам како елемент вграден во македонската државност и работата врз негувањето и зацврстувањето на македонската национална свест. Таа работа треба да биде втемелена врз објективно, од наш македонски аспект, објаснување и толкување и на расколите и на себенегациите. Таа работа треба да ги содржи мноштвото синтези на разните колективизми, регионализми и индивидуализми во една, не романтичарска и „големомакедонска“ митотеологија, туку во вистинит приказ на фактите, во една историја во согласност со вистината, логиката и националните интереси. Историја која ќе ни отвори преспективи за приклучување кон светот, исто онака како што партизаните ни отворија перспективи пред повеќе од седумдесет години.