“Неспорен факт е дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводевме на локалните избори е апсолутен победник”, изјави на денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
“Победивме во 42 општини, плус градот Скопје.Надежта за нова иднина е родена и тоа нам ни дава енергија да продолжиме со промените позади кои застанаа огромно мнозинство на граѓани.
Владата е целосно делегитимирана и нејзините политики го немаат повеќе кредибилитетот помеѓу народот.
Јасно дека Зоран Заев дури и да си поднесе оставка, министрите ќе продолжат да го преставуваат неговиот корумпиран систем кој на овие избори доживеа на два пати неуспех, два пати беше поразен. Дури и Зоран Заев да си оди, но владата да остане, Венко Филипче и понатаму ќе биде неуспешен министер кој што е рекордер по бројот на луѓе кои што ја изгубија битката со КОВИД пандемијата, Љупче Николовски и понатаму ќе биде нефункционален министер, а Македонија најкриминална и најкорумпирана држава во Европа, Мила Царовска и понатаму ќе продолжи да го уништува образованието, а Македонија ќе нема ниту еден универзитет во првите 2.000 според Шангајската лист, и така натаму, можам да ги редам сите неуспеси и сите неуспешни министри во оваа криминална влада која што до скоро ја предводеше и се уште Зоран Заев. На крајот и самиот Зоран Заев ја стави во влог неговата кариера, а самите локални избори се доживеаја како референдум за актуелната влада, и народот жестоко ги казни. Се ставам на страната на народот и неговите интереси.
Оттука прашањето кое легитимно се поставува е дали ќе има ново парламентарно мнозинство и без избори да се формира нова влада, или пак нови избори за влада со нов кредибилитет која ќе одговара на фактичната реалност.
Затоа почитувани сограѓани, во овој момент најдобро решение за Македонија е без одлагање брзи предвремени парламентарни избори со почитување на уставните и законски рокови кои ќе обезбедат цврста и стабилна влада за решавање на актуелните проблеми и вадење на Македонија од кризата во која ова корумпирана влада ја втурна. Брзи избори за кои нема да има алтернатива, затоа што потребна е стабилна влада и надминување на кризите со кои ќе се соочиме. Брзите избори ќе треба да обезбедат влада која ќе спроведува политики кои ќе решаваат проблеми и ќе ја донесат новата иднина во која веруваме и за која се бориме.
Во име на народот кој ни даде поддршка, барам веднаш брзи предвремени парламентарни избори”, изјави Христијан Мицкоски.
Христијан Мицкоски, прес-конференција