Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со премиерот Зоран Заев повтори дека договорот помеѓу Македонија и Грција за него претставува договор за капитулација и најави дека во наредниот период ќе го разгледаат договорот внатрепартиски и ќе се консултираат со партиските органи и комисии за што ќе биде известена и јавноста.
-Немаше нови моменти кои можевме со премиерот еден на друг да си ги кажеме. Побарав средба за да го добијам договорот, откако ќе го анализираме внатрепратиски со сите партиски органи, ќе повикаме консултации со МПЦ, ИВЗ и МАНУ, со овој договор можеби МАНУ нема да го има истото име туку ќе треба да се смени. Сакаме консултации и со други општествени групи во Република Македонија, би сакале поширок дијапазон на мислења – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека ќе ги искористи сите демократски и законски механизми кои им стојат на располагање бидејќи, како што рече, некој ја довел Македонија и граѓаните во незавидна ситуација.