Алтернатива Настани

МКЦ: Промоција на „Нека играат децата“ од Денис Бојаров

 

Вечерва во Младинскиот културен центар, со почеток од 20 часот ќе се одржи промоцијата на Денис Бојаров, „Нека играат децата“.

Промотор на книгата ќе биде македонската авторка Фросина Пармаковска, а модератор на дискусијата е Софија Стојков од Книжевниот центар Антолог.

„Вешто, мајсторски и со префинет стил, Бојаров пишува за потесното и поширокото семејство на начин на кој никој не пишувал долго време. Се работи за поучни раскази што носат многу силна порака и што ќе ви послужат да ги стоплите односите во семејството, ќе ја разбудат емпатијата во вас, ќе ве потсетат, научат и освестат за вашиот однос и внимание кон децата, животните и природата, ќе ви овозможат да доживеете душевен ораториум,“ пишува писателот Венко Андоновски за книгата.

Нека играат децата“ е прва објавена книга на Денис Бојаров и претставува збирка раскази наменета за различни возрасни категории, која обработува социолошки, психолошки и филозофски теми поврзани со децата, со семејството, но и со човекот, воопшто.
„Но, она што е особено впечатливо, е умешноста на тие раскази за обраќање директно кон емоцијата на читателот, кој ги препознава ликовите од нашето поднебје, настаните што може да бидат и туѓи и на нашите блиски, и лично наши и на авторот и на раскажувачот, и токму ваквата идентификација не само што не нѐ остава рамнодушни туку и создава силна врска меѓу нас.
Праќањето порака преку зборовите, комуницирањето на авторот со читателот во и преку текстот, секако, на еден начин што е суптилен, скриен и деликатен е одлика на веќе изградените писатели“, вели писателката Фросина Пармаковска.

 

Сподели: