Македонското еколошко друштво залови и обележа млад рис кој живее во шумскиот резерват „Јасен”, пренесува мета.мк. Рисот, кој го добил името Нони, е првиот балкански рис, што спаѓа во загрозените видови, што ќе биде следен со GPS околувратник надвор од Националниот парк „Маврово“. Македонските еколози велат дека подолго време знаат дека на подрачјето на „Јасен“ има единки на рис, но сега за првпат ја искористиле можноста да го уловат и да му постават околувратник. Фаќањето на овој рис е дел од полусистематската сесија за фотозамки на МЕД која покажала дека во „Јасен“ живее богат и разновиден животински свет. Тука живеат и се движат и уште една единка на рис, но и лисици, куни, јазовци, елени, срни, диви кози, диви мачки, волци и мечки.
„На крајот на февруари во „Јасен“, во соработка со вработените, како и двајца стажанти од Германија и Франција, успешно го обележавме првиот млад мажјак од загрозениот подвид балкански рис со GPS околувратник. За присуството на балкански рис во „Јасен“ имавме податоци подолго време, но досега немавме среќа да поставиме GPS околувратник. Ова е првиот рис што ќе го следиме надвор од Маврово и околината, како подрачје каде што досега имаме потврда дека се размножува рисот.
-Се надеваме дека оваа единка ќе ни даде интересни информации за неговото хранење и движење во Јасен“, вели Диме Меловски од МЕД. Активностите за воспоставување на мониторинг на рисот во „Јасен“ се спроведуваат во рамки на проектот „Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“ во соработка со тимот на заштитеното подрачје, којшто е финансиски поддржан од Европската Унија, а спроведен од УНДП со поддршка на МЖСПП.
Во Северна Македонија се останати само педесетина возрасни единки рис, што ова диво животно го става на листата на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) со статус на критично загрозено животно. Оваа бројка на возрасни единки е критична и во следните десетина години може драстично да опадне ако не се заштитат правилно, но може и значително да порасне, доколку продолжат сегашните активности и заштитата. Еколозите од друштвото долги години спроведуваат теренски активности за спас на овој вид. Досега се обележани и се следат десетина животни, сите во рамките на НП Маврово. Минатата година по пауза од неколку децении, беше забележан рисот и во Националниот парк „Галичица“. Тој беше фотографиран веднаш до оградата од репроцентарот за европски елен на територијата на паркот, со опрема инсталирана преку проектот naturemk.