Граѓанските организации можат да доведат до поголема свест на младите за политичкиот живот преку организирање на работилници, кратки курсеви и јавни настани со познати говорници каде што младите уште повеќе би биле свесни за нивната сила и моќ што ја имаат во општеството.
По дефиниција, политичката култура е внесување на ред во политичкиот живот, односно во јавната сфера, и таа има пресудно влијание на правците во кои се движат и поединците и општеството во целина, а на крајот и државата. Од нивото на политичката култура зависи квалитетот на општествениот поредок. Врз формирањето на политичката култура во едно општество најголемо влијание имаат политичките партии и невладини организации. Затоа, тие се најважни и најодговорни чинители во формирањето и одржувањето на нивото на политичката култура на поединецот и општеството во целина.
Препукувања наместо дебата
Првенствено, луѓето го гледаат однесувањето на политичарите, а потоа и тие самите го користат истото. Тоа е така бидејќи секојдневно на ТВ екраните и на другите медиуми главно место добиваат главните политички актери, а не аналитичарите и академците кои што можат да дадат неутрално мислење поткрепено со факти. Според невладината организација ,,Цивил“ политичката култура е на ниско ниво, бидејќи разговорите и дебатите помеѓу главните ликови во политиката се сведени на препукувања и обвинувања, а решенија скоро и да нема. Бидејќи младите претставуваат двигател во општеството на една држава, степенот на политичата култура и воопшто нивната заинтересираност за политика може да ја промени сликата за политичкиот живот во државата.
Според студијата за млади на Северна Македонија од 2018 и 2019 година, само 20,9% од младите сметаат дека нивните интереси се добро или многу добро претставени во националната политика. Во контекст на ова, вината може да се бара во тоа на кој начин младите се информираат за политички настани во Македонија. Според анализата од истата студија од претходно, ги имаме следниве податоци изразени во проценти.
Од наведеното, можеме да дојдеме до заклучок дека младите најмногу се информираат за политиката и политички настани од Интернет. Проблемот тука, е во тоа што многу е тешко да се откријат лажните вести што кружат по интернет, па поради тоа доаѓа до нецелосна или во некои моменти и целосна дезинформираност. Загрижувачки податок е тоа што многу малку од младите разговараат за политика во кругот на семејството или пак пријателите. Според мене, токму здравиот разговор во кругот на семејството и пријателите, може да изгради солидна политичка култура кај младите.
Во врска со членувањето во политички партии или невладини организации, околу 40% од младите имаат позитивен став кон неформалната политичка партиципација. Ова е вака бидејќи голем дел од младите се разочарани, бидејќи во водечките политички институции се многу малку или воопшто не се застапени. Според последната анализа на Фондацијата Вестминстер, речиси половина од програмите на политичките партии нудат многу малку или ниту една мерка за млади. Дополнително, изборните програми малку се разликуваат по својата суштина, без разлика од која партија доаѓаат, областа или идеолошката гледна точка, што укажува на потенцијален простор за политичка соработка, во интерес на младите и нивната иднина во земјата. Поради ова, се повеќе млади се одлучуваат да членуваат во невладини организации и други здруженија кои што не заземаат никаква страна во политиката, бидејќи само така сметаат дека нивниот глас ќе биде слушнат.
Според професорката Каракамишева, ,,политичката надградба, усовршувањето, стекнувањето нови знаења им носи на младите сила за политички успеси, но, тие не смеат да ги гледаат овие форуми како единствен начин да дојдат до политичка фотелја, или за да се биде блиску до лидерот. Подаништвото не е демократска категорија. Уште помалку тоа може, или треба да биде алатка, која ја користи младиот човек за стекнување политички привилегии.“ Од овој став на професорката Каракамишева, доаѓаме до заклучок дека младите би учествувале во некоја политичка партија или би извршувале некаква функција само доколку имаат некаков личен бенефит.
Извор: slobodenpecat.mk
После овие податоци, можеме да се навратиме на податоците од претходната студија за малдите, овој пат на темите за извршување на политичка функција и степенот на излезност на гласање од страна на младите.
На прашањето дали младите би прифатиле некаква политичка функција, само 12% од испитаниците би прифатиле со сигурност, што ни ја укажува големата недоверба на младите во политичките партии. Младите се скептици за добивање на функција во политиката, а тоа се должи на ниската доверба во домашните политички институции и политичките партии.
Крајната анализа пред финалниот заклучок се однесува на степенот и заинтересираноста за излезност и гласање на избори. Бидејќи главниот резултат од политичката култура го гледаме на изборите, овој факт е најрелевантен во врска со оваа тема на обработка. Според резултатите на студијата, 89% од младите дефинитивно би излегле на гласање, бидејќи сметаат дека така единствено можат да влијаат на изборните резултати. Само 11% одговориле дека не се заинтересирани да излезат на гласање.
Движењето за зголемена излезност на младите сепак дава резултати. Како што велат Христова и Цекиќ од МЦМС, дел од причините за ваквиот висок процент веројатно се наоѓаат во преголемата политизација, или попрецизно „партизација“ на општеството. Младите, како и генералната популација, во политичките партии гледаат сигурна иднина и гарантори за вработување, па дел од нив веројатно гласаат на изборите во очекување на некоја идна придобивка ветена од партиските активисти кои агитираат токму на овој начин. Голем број скандали (како на пример тоа што голем дел од учесниците во ,,Шарената револуција“ добија сигурна работа) покажаа дека оваа појава не се однесува на изолирани случаи, туку е масовна.
Младите се заинтересирани за политика, но не поради доверба во системот
Од горенаведените истражувања и податоци, можеме да дојдеме до заклучок дека младите се заинтересирани за политика и политички ангажман, но истиот тој да биде изразен преку невладините организации, а не политичките партии и политичките подмладоци. Младите што се заинтересирани за политика се одлучуваат на ваков чекор (членство во невладини организации) бидејќи има голем број на такви организации и сите тие се фокусираат најчесто на една специфична цел, како на пример, екологија, образование, заштита на социјално загрозени семејства, итн.
Освен ова, невладините организации нудат и можност за меѓународна соработка што за секој млад човек претставува големо признание и лично задоволство. Друга предност за невладините организации е тоа што се специфични и имаат конкретни „политики“, додека политичките партии се поопширни и опфаќаат поголеми подрачја од животот на луѓето. Последна причина што би ја навел тука во врска со избегнување на членување во политичка партија е тоа што, членувањето во политичките партии, за голем дел од општеството е ,,табу тема“. Односно, младите што се активисти за некоја политичка партија веднаш се етикетираат, потценуваат и се зборува дека тие се таму само за да најдат сигурна работа и се без никаква друга цел во животот.
Според мене, потребно е дополнително образование на младите уште во најрана возраст, односно во основното образование, за карактеристиките на демократските политички системи и улогата на граѓаните во нив, односно можностите за политичка партиципација и непосредно влијание врз одлуките кои ги засегаат.
Потоа, јасно разграничување на политичките идеологии и нивните цели. Паралелно со ова, со цел зголемување на заинтересираноста на младите во политиката, политичките партии треба да ги вклучат младите во процесите на донесување одлуки, особено на локално ниво и за теми кои се од нивни интерес, преку зајакнување на постоечките институционални можности за партиципација на младите во политиката, особено преку употреба на современите медиуми и информатичко-технолошките алатки. Ова би можело да се спроведе преку промовирање на политиката со кратки видеа на социјалните мрежи како што се Фејбук и Инстаграм, а во поново време и ТикТок каде што младите буквално се постојано активни.
Доколку политичките партии сакаат силни подмладоци, тогаш партиите би требало да се прилагодат на ова модерно време каде што живеат младите и да ги напуштат некои нивни веќе застарени облици на регрутирање кадри. Другите граѓански организации, можат да доведат до поголема свест на младите за политичкиот живот преку организирање на работилници, кратки курсеви и јавни настани со познати говорници каде што младите уште повеќе би биле свесни за нивната сила и моќ што ја имаат во општеството.