Москва: Прашањето за името на Македонија мора да се разгледа во Советот за безбедност на ОН

Сподели

Одделот за информирање и печат на руското Министерство за надворешни работи, изгласувањето на новите амандмани на македонскиот Устав за промена на името на земјава го нарече „вештачка промена на името на државата со цел форсирано внесување на Скопје во НАТО“ и порача дека проблемот со преименувањето на земјава да се разгледува од Советот за безбедност на Обединетите нации во согласност со членот 3 од Резолуцијата 845 на Советот.

„Станува збор за продолжување на процесот на вештачко менување на името на државата под странски притисок со цел насилно внесување на Скопје во НАТО. Тоа е прекршување на македонските закони. Ставот на шефот на државата и ставот на мнозинството од населението кои го отфрлаат Преспанскиот договор се игнорираат. Постојаните протести во Скопје и другите македонски градови покажуваат длабока поларизација на општеството. Очигледно е дека ваков начин на решавање на прашањата од национално значење за иднината на земјата не е одраз на волјата на нејзиното население и не може да служи како алатка за долготрајно решение за проблемот со имемто на земјата“, се вели во соопштението.

Од руското МНР велат дека и развојот на настаните во Грција, односно оставката на Панос Каменос, досегашниот министер за одбрана и претседател на Независни Грци, коалицискиот владин партнер на СИРИЗА, зборува за „експлозивноста на ситуацијата“. Дополнително, се обвинува и дека во Грција се спроведува истата формула како во Македонија – притисок за усвојување на Преспанскиот договор преку газење на волјата на грчкиот народ.

„Ставот на Руската федерација за проблемот со името на македонската држава останува неизменет: мора да се најде одржливо решение без надворешни притисоци, наметнати решенија и услови од надвор, кое ќе се заснова на широка јавна поддршка – и во Република Македонија и во Грција – и единствено во рамките на правото. Сметаме дека ова прашање мора да се разгледува од од Советот за безбедност на Обединетите нации во согласност со членот 3 од Резолуцијата 845 на Советот за безбедност.