Националната установа Завод за заштита на спомениците и музеј – Битола, јубилејот 90 години од формирањето во 1934 година, ќе го одбележи со три големи настани.
Како што информира директорот Зоран Николовски, по 15 години, повторно е достапна за јавноста реконструираната Спомен-куќа на народниот херој Стив Наумов, чија поставка содржи зачувана покуќнина на семејството и важни историски документи.
Вториот настан ќе биде организиран во средината на ноември, кога за јавноста ќе биде отворена Јени џамија, која во иднина ќе функционира како Музеј на христијанско-исламско културно наследство, а за јавноста ќе бидат достапни внатрешниот дел кој е реставриран, стаклените подови во и пред џамијата каде што се видливи темелите и ѕидовите на црквата „Св. Ѓорги“, како и другите содржини на објектот лоциран во центарот на градот.
На 9 декември, пак, на верскиот празник Свети Ѓорги ќе биде отворена истоимената црква од 12 век во Курбиново, еден од најзначајните византиски средновековни споменици на културата на Балканот, во која се наоѓа оригинална фреска на ангелот на благовестието Гаврил.