Од полноќ се зголемуваат малопродажните цени на сите нафтени деривати, соопшти Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Цените на бензините се зголемуваат за 2,5 денари за литар, па така, од ноќеска литар ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 82,5 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по цена од 85 денари за литар.
Поскапува и дизелот и тоа за 2 денари за литар и ќе чини 83,5 денари. За 2 денари поскапува и екстра-лесното масло за домаќинство, кое од вечерва ќе се продава по цена од 83 денари за литар.
Новата цена на мазутот, пак, откако ќе поскапи за 1,355 денари, ќе изнесува 40,814 денари за килограм.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 7,084 отсто, кај дизелот за 4,546, кај екстра лесното масло за 4,351 и кај мазутот за 5,491 отсто.