Досега најголемата меѓународна воена вежба во Македонија, „Одлучен удар“, ќе се одржи во јуни и јули на Армискиот полигон „Криволак“ и во Центарот за обука „Пепелиште“. Таа ќе биде дел од комплексот вежби на Европската команда на вооружените сили на САД „Saber Guardian 19“ во Црноморскиот и Балканскиот регион.
– Станува збор за циклус на вежбовни активности од големи размери на кој се демонстрира употреба на кредибилна колективна одбрана што вклучува компјутерски поддржани вежби, теренска обука и вежби со боеви гаѓања.кој инволвира повеќе десетици илјади припадници на вооружените сили од најмалку десетина земји членки на НАТО и земји партнери, и се одвива во земјите од Црноморскиот регион – информираше Канцеларијата за односи со јавност на Генералштабот на АРМ.
Вежбата „Одлучен удар“ ќе биде досега најголема меѓународна вежба во Република Македонија. Во тек е изработка на планот за активностите на вежбата кој го изработуваат претставници на АРМ, вооружените сили на САД, Албанија, Бугарија, Црна Гора и Литванија.
– Вежбата „Одлучен удар“ веќе е навлезена длабоко во планирачкиот процес на кој досега заедно со претставници од Националната града на Пенсилванија, од Армијата на САД за Европа, од Канцеларијата за соработака во одбраната при Амбасадата на САД во Македонија беа реализирани неколку извидувања на сместувачките капацитети и терените за реализација на обуката и вежбите на АП Криволак, за поблиско запознавање на претставниците на армијата на САД со капацитетите и можностите на АП Криволак – вели потполковник Тони Јаневски, началник на Канцеларијата и портпарол на АРМ.
За вежбата на средината на декември разговараа и началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Васко Ѓурчиновски и заменик на командантот за прашања на националната гарда на копнените сили на САД за Европа, генерал-мајор Џон Гронски. Ѓурчиновски со подготовките го запозна и Командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол адмиралот Џејмс Фого, кој месецов го посети Скопје.
– Би можеле да кажеме дека како претходница на „Одлучен удар“ беше вежбата „Dragoon Guardian 17“, која беше дел од „Saber Guardian 2017“ каде на некој начин се утврдија можностите и капацитетите на АП „Криволак“ – додава Јаневски.
Капацитетите на „Криволак“ ги сертифицирала и комисија од 7. Команда за обука на копнените сили на САД, која ја утвдила можноста полигонот да го користат американски воздухопловни единици.
– Подоцна на АП „Криволак“ од 1 до 20 август единици на копнените сили на САД изведоа вежбовни активности со хеликоптери од типот „Блек Хок“, пешадиско оружје од мал калибар, против-тенковско оружје и друго пешадиско оружје – објаснува Јаневски.