„Транспаренси Интернешнл“- Македонија, Коалицијата за заштита на укажувачите од Југоисточна Европа, и Европскиот центар за правата на укажувачите упатија барање Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, чие откривање на тајните прислушкувања доведе до оставка на премиерот Никола Груевски во 2016 година, веднаш да бидат вратени на работните позиции во државниот сектор, што ги изгубија како одмаздување за нивното дело.
„Македонија треба да остане силна во борбата против заробувањето на државата која ефикасно започна со откривање на тајните прислушувања и големите коруптивни шеми предводени од поранешниот премиер Груевски. Не е праведно да се зборува за тоа колку е важна борбата против корупцијата за правда во Македонија без да се донесе правда за Лазаревски и Костовски“, изјави Слаѓана Тасева, претседател на „Транспаренси Интернешнл“- Македонија.
Враќањето на нивните работни позиции за овие укажувачи е најмалку што може да биде очекувано, по усвојувањето на Законот за заштита на укажувачите, кој што беше усвоен како резултат на нивното откривање и во последователните политички одлуки, вклучувајќи го и формирањето на Специјалното обвинителство кое ги води истрагите.
Работејќи како колеги во Управата за безбедност и контраразузнавање, Лазаревски и Костовски работеа три години за да документираат несоодветно прислушување на околу 20.000 државни службеници, судии, луѓе од бизнис – секторот, активисти, новинари и други лица под сомнение од страна на владата на Груевски.
Откривањето во 2015 година доведе до оставка на Груевски, на нови избори во 2016 година, формирање нова влада во 2017 година и обвиненија на 94 луѓе и седум компании. Претходно овој месец Лазаревски сведочеше во судењето на повеќе од 10 лица обвинети во врска со скандалот.
Коалицијата за заштита на укажувачите од Југоисточна Европа им ја додели наградата за „Слободен говор“ на јавна церемонија во Приштина во месец март од оваа година. Европскиот центар ги повика активистите и граѓаните ширум светот да пишуваат писма до претставниците на македонските власти за поддршка на укажувачите.