НОБ: Балетска премиера „Валпургиска ноќ“ и „Кармен“

Сподели

 

НОБ, 70 Години балет, КАРМЕН – Жорж Бизе, Родион Шчедрин
ВАЛПУРГИСКА НОЌ – Шарл Гуно, 5.октомври

КАРМЕН – Жорж Бизе, Родион Шчедрин
ВАЛПУРГИСКА НОЌ – Шарл Гуно

Диригент: Бисера Чадловска
Кореограф: Габор Кевехази (Унгарија)
Сценограф: Марија Ветероска
Костимограф: Марија Пупучевска
Репетитори: Горан Божинов, Лора Тарчуговска, Билјана Пашариковска
Концерт мајстор: Верица Ламбевска
Дизајн: Емил Петров

За „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“…
Сон на секој кореограф е да ги постави на сцена „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“, бидејќи тие се две прекрасни дела, од двајца музички великани, Жорж Бизе и Шарл Гуно. Кога уметничкиот раководител на балетот на НОБ, Олга Панго, ми понуди заедничка соработка за овие две дела, без размислување прифатив и веднаш започнав со подготовка на кореографијата. Оваа задача бараше од мене посебна инспирација, бидејќи за овие две дела има постоечка кореографија од светски познати кореографи, како што се: Алберто Алонсо, Баланшин, Матс Ек и др. Кога започнав со работа на кореографијата, сфатив дека дури и не го познавам доволно балетскиот ансамбл на НОБ, а мојата креативност секогаш е подобра, кога правам кореографија според балетски играчи, кои лично ги познавам. Затоа, многу се подготвував дома, само јас и музиката. И од таму, кога почнав со работа со балетот во Скопје, точно знаев што сакам да направам. Комбинирајќи различни стилови на движења, сакам да презентирам чиста, неокласична, сложена технички и возбудлива кореографија за македонската публика. Би сакал да истакнам, дека добив огромна поддршка од прекрасниот балетски ансамбл Националната опера и балет.

Габор Кевехази – кореограф

КАРМЕН – Шчедрин-Бизе, (балет), Либерто
Сцена.1
Плоштад во Севилја. Меѓу народот е Кармен која се расправа со својата ривалка. Војниците на офицерот Дон Хозе добиваат наредба од Генералот Цунига да ја уапсат Кармен. Но, итрата Кармен гледајќи ја страста во очите на младиот офицер го заведува се со цел да се ослободи од затвор. Во тоа успева играјќи заедно со него па де де. Хозе ја ослободува Кармен, но му следи затвор по наредба на Цунига затоа што ја прекршил војничката заклетва. Како одговор, Дон Хозе дезертира од војската.
Сцена 2.
Таверната на Лилас Пастја. Пристигнува Кармен. Атмосферата е полна со страст. Влегува херојот на коридата, тореадорот Ескамилио кој веднаш ја забележува Кармен. Другите девојки не го интересираат. Започнува жесток дует со Кармен полн со страст и ветување. Кармен е на пат кон нова љубов. Сцената ја прекинува влегувањето на Дон Хозе кој веднаш сфаќа дека неговите илузии за вечна љубов и неговите жртви се пропаднати.
Го гледа неверството на Кармен кое го доведува до очај. Влегува во дуел со Ескамилио, но брзо ќе се најде на подот. Кармен сепак не е бесчувствителна. Таа го прекинува дуелот и игра со Дон Хозе сакајќи да му каже дека е дефинитивно крај на нивната љубов. Хозе си заминува со поматени чувства. Кармен е сама на сцената со своите мисли.
Сцена 3.
Сцена пред арената во Севилја. Кармен пристигнува на средба со Ескамилио, но наидува непомирливиот Дон Хозе, очаен во својата немоќ и љубомора, решен да го убие Ескамилио. Воден од очајот и беспомошноста, го здогледува Ескамилио и го напаѓа со нож. Но судбината му го задава последниот удар. Наместо Ескамилио ја прободува Кармен која се обидува да ги раздели. Таа во крв паѓа пред Дон Хозе.

„Валпургиска ноќ“ – Шарл Гуно
(Балетски дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно)
#70ГодиниБалет
На 27 јануари 1949 година, изведен е првиот самостоен балетски настап на ансамблот, со „Валпургиска ноќ“, балетскиот дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно, во кореографија на Ѓорѓи Македонски. Во 1949 година и официјално е формиран Балетот при Македонскиот народен театар.