Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев го прими во посета амбасадорот на Кралството Норвешка, господинот Арне Бјорнстад.
Амбасадорот Бјорнстад го информираше премиерот Заев дека Кралството Норвешка во наредниот период двојно ќе ја зголеми финансиската поддршка за Република Македонија. Поголемиот дел од средствата од ова значително зголемување на учеството на Норвешка во охрабрувањето на политиките на земјата, ќе бидат насочени кон формирање на фонд за социо-економски развој на неразвиените региони во Република Македонија.
На средбата со премиерот Заев, амбасадорот на Норвешка истакна дека дел од финансиските средства ќе бидат наменети и за процесите за подготовка на земјата за членството во НАТО и Европската Унија, како и во поддршката на интеретничките аспекти во образованието што во Република Македонија се спроведуваат преку организацијата Нансен дијалог центар.
Амбасадорот Бјорнстад и премиерот Заев разговараа и за актуелни политички прашања во Република Македонија и во регионот. Норвешкиот амбасадор истакна дека Кралството Норвешка со внимание ги следи настаните и дека изразува честитки за досегашниот реформски процес во клучните области во земјата, како и за придонесот на Владата на Република Mакедонија за напредокот во решавањето на прашањето за името на нашата земја.
Амбасадорот Бјорнстад особено ја истакна заложбата на Владата за соработка и за инклузивност во овие процеси со опозицијата.
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се заблагодари за досегашната исклучително добра соработка со Кралството Норвешка, како и за поддршката што Република Македонија ја добива од оваа земја во реформите дома, како и во евро-атлантските интеграции.