Министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски вчера донесе решение за разрешување на директорите во НУ Театар за деца и младинци – Скопје, Братислав Димитров, како и на НУ Театар Комедија – Скопје, Јелена Жугиќ. Како вршителка на должноста директор во Театарот за деца и младинци – Скопје е именувана Катарина Илиевска – Силјановска, додека за вршителка на должноста директор во Театар Комедија – Скопје е именувана Мирјана Поповска – Ристов.
Би сакале да ја информираме јавноста дека единствена цел на назначувањето на в.д директори е итно да се ослободат клучните институции, кои беа заробени од кадри што се под целосна контрола на Никола Груевски, кадри врз основа на кои се штимале систематизацијата и критериумите. Воедно, ве известуваме дека во најскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори.
Потоа, веднаш штом за тоа се исполнат законските услови, Министерството за култура, низ еден целосно отворен и транспарентен процес, ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и именување на нови директори, на кои сите заинтересирани кандидати од самите институции, но и надвор од нив, ќе можат да ги предложат нивните програми и визии за департизација, заздравување и унапредување на работата на културните институции во Република Македонија.