Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, во интервјуто за српскиот весник „Политика“ зборуваше и за односите со Република Бугарија, констатирајќи дека обидите да се нанесат штети во билатералните релации, се обиди да се наштети и на единството во Европа, кое што војната во Украина покажа дека е неопходно и за Европската Унија и Западен Балкан.
„Остануваме посветени на развојот на добрососедските односи со Република Бугарија, во духот на европските вредности, преку меѓусебно почитување и политики на разбирање на другиот. Затоа што, во официјалните односи и политики, па и меѓу граѓаните на двете држави има – и меѓусесебо разбирање – и почитување.
Верувам дека ќе успееме да се издигнеме над сите обиди од трети страни, кои имаат свои инсталации во двете држави и за туѓи интереси се обидуваат да наштетат на нашите билатерални односи.
И ќе одам чекор понатаму и ќе оценам дека се тоа обиди насочени и против единството, стабилноста и безбедноста во Европа, што треба да ги обезбеди натамошното проширување на Унијата.
Верувам во дијалогот како начин за решавање на кое било прашање, верувам во капацитетите на Северна Македонија, на Србија и гледам можности за натамошен развој на европските интеграции и на нашите држави и на целиот Западен Балкан“, рече премиерот Ковачевски во интервјуто за „Политика“.