Објавен словенечкиот „нон-пејпер“ за поделба на БиХ и обединување на Косово со Албанија

Сподели

 

Словенечкиот портал „нецензурирано.си“ денеска го објави неофицијалниот дипломатски документ „нон-пејпер“ со наслов „Западен Балкан – патот напред“ за којшто се шпекулира дека словенечкиот премиер Јанез Јанша го испратил во Брисел, а со кој се предвидува распарчување на Босна и Херцеговина и пристапување на Република Српска кон Србија, како и обединување на Косово со Албанија, пренесува мета.мк.

Како што пишува овој медиум, во документот воопшто не се спомнува менување на границите на Северна Македонија, како што објавија некои домашни медиуми.

„Нецензурирано“ пишува дека досега никој официјално не потврдил дека претседателот на Европскиот совет добил ваков документ, иако тврдат дека документот бил испратен во февруари годинава до Брисел, но без никаков потпис и испраќач што е наведен во текстот. Оттука, словенечкиот медиум тврди дека „нон-пејперот“ не е официјален документ на Словенија, туку само еден од можните „неформални предлози како да се разрешат прашањата што се однесуваат на земјите од поранешна Југославија“.

Сепак, посочува словенечкиот медиум, овој „нон-пејпер“ е изработен во Словенија „по мерка“ на националистичките кругови на Балканот, тврдејќи дека „останале неразрешени клучните прашања“.

Во делот на решенијата, под точка А во „нон-пејперот“ се говори за обединување на Косово и Албанија, при што „српскиот дел“ од Косово би добил посебен статус по примерот на Јужен Тирол, автономна покраина на северот на Италија во која се говори германскиот јазик.

Под точка б од можните „решенија“, „нон-пејперот“ предлага обединување на поголемиот дел од Република Српска со Србија, со што авторите на овој словенечки документ тврдат дека Србија би можела да се согласи на обединувањето на Косово со Албанија.

Како трета точка, „нон-пејперот“ хрватското национално прашање „го решава“ со спојување на кантоните од БиХ во кои има мнозинско хрватско етничко население со Хрватска или нивно доделување на посебен статус на „хрватскиот дел“ од БиХ преку користење на моделот на Јужен Тирол од Италија.

Под точка 4, „нон-пејперот“ предвидува формирање на босанска држава, во која Бошњаците ќе преземат целосна одговорност за неа и ќе одлучат дали би се приклучиле во иднина во ЕУ или ќе дејствуваат како независна држава надвор од ЕУ.

Словенечкиот медиум сепак тврди дека со новата мапа на Западниот Балкан ќе нема промени на Северна Македонија, односно „нон-пејперот“ не предвидува припојување на западниот дел на земјава кон Албанија, ниту пак припојување на Прешево и Бујановац од јужна Србија кон Албанија.

Медиумите од регионот сега се прашуваат дали словенечкиот претседател Борут Пахор знаел за „нон-пејперот“ што бил подготвен од премиерот Јанез Јанша? Пратениците на опозициската партија Социјалдемократи (СД) во словенечкиот парламент побараа да се одржи седница на парламентарниот комитет за надворешна политика, на која ќе бидат испрашани премиерот Јанез Јанша и претседателот Борут Пахор во врска со извештаите на медиумите во врска со наводен нон-пејпер за потенцијално прекројување на границите на Западен Балкан.

Словенечката амбасадорка во Сараево Зорица Букинац во понеделникот беше повикана во Министерството за надворешни работи на БиХ за да ги објасни гласините за наводни „нови геостратешки планови за Балканот“. Сепак, Жељко Комшиќ, член на Претседателството на БиХ, во понеделникот за босанските медиуми потврди дека словенечкиот претседател Пахор за време на службената посета на 5 март во неформален разговор прашал дали е можно „мирно разделување на Босна и Херцеговина“.

Владата на премиерот Јанез Јанша, која на 2 јули треба да го преземе претседателствувањето со Советот на ЕУ, ги демантираше наводите од „нон-пејперот“. Словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар вчера пред пратениците во словенечкиот парламент зборуваше дека стратегијата на Словенија кон Западен Балкан не е променета.

Логар им покажал на пратениците неофицијален документ за БиХ, подготвен од Хрватска и дискутиран од министрите за надворешни работи на ЕУ во март во Брисел. Покрај Хрватска, Унгарија, Бугарија, Грција и Кипар, таканаречениот нон-пејпер го потпишала и Словенија. Потписниците повикале БиХ да стане кандидат за членство во ЕУ веднаш штом ги исполни сите услови за неа, пренесува љубљанскиот весник „Дело“.