Брзата помош и пожарната не можат да пристапат низ тесните улички во повеќе градски населби, како скопски Чаир, тетовските и кумановските населби. Жалбите на граѓаните кои се во ризик се многубројни затоа што во случај на несреќи, пожари и други ситуации во кои е неопходна итна интервенција, самите жители се оштетени.
Возилата за итни интервенции не можат да пристапат до некои од овие улици и поради тоа болни лица не добиваат соодветна медицинска помош, но и поголеми се материјалните штети при пожар. Некаде и цели куќи или цели згради горат до темел.
„Да беше улицата поширока, можеби ќе можевме да спасиме нешто од куќата.“ Со овие зборови ја почнува приказната една жителка на населбата Дуќанџик, од Чаир во Скопје, од семејство кое остана без куќа подолго време поради голем пожар. Пожарникарите тогаш изјавија дека тесната улица ги спречила да дејствуваат навреме и затоа домот им изгоре до темел, а загрозени беа и околните куќи.
„Сте виделе колку градби се заградени? Сте виделе некаде паркиралишта? Ова е причината поради која улиците се неупотребливи и нема место да поминуваат автомобилите, а да не зборуваме за брзата помош или пожарната“, вели Блерим Тахири, тамошен жител.
„Општината не презема мерки, жителите градат како што ним им одговара. Еден мој сосед додаде уште две соби со што ја окупирал и улицата која им припаѓа на сите. Зошто Општината не ја запре изградбата? Хаосот доаѓа од двете страни, и од граѓаните и од институциите“, изјави Рамадан Бектеши, жител на Чаир.
Истото се случува и во Тетово. Раководителот на тамошната пожарна единица, Ука Алити, нагласува дека ова е вонредна слика и дека со секое нивно доцнење, ризикот за животот на луѓето и штетате се поголеми.
Сокаците и уличките имаат непристапна инфраструктура која го попречува слободното движење, особено во итни случаи. Проблемот се зголемува и поради недостигот од паркиралишта околу зградите и куќите, со што граѓаните се принудени да паркираат на улиците.
Од општина Чаир за „Порталб“ (portalb.mk) изјавија дека ова прашање е проблематично бидејќи жителите сè повеќе градат диви градби и со тоа улиците се непристапни. „Ова прашање е проблематично затоа што жителите додаваат соби без дозвола и одобрение од Општината. По завршувањето на постапката за легализација на градбите, ќе се процесираат барањата на граѓаните и ќе се преземат мерки со што овој проблем на пристапност ќе се реши“, рекоа за „Порталб“ од секторот за урбанизам во Општина Чаир.
Граѓаните се оштетни поради нефункционирањето или селективната примена на законите од страна на надлежните од Општината, бидејќи нема санкционирање на дивоградби кои зафаќаат делови од улица. Ниту, пак, има нови инвестиции во паркиралишта кои ќе овозможат пристапност на улиците во итни случаи.