Осуди за сквернавењето на македонското знаме по пово Денот на албанското знаме

Сподели

Денот на албанското знаме се славеше низ Македонија и во Скопје. Но додека се славеше, снимено е видео каде се гледа сквернавење на македонското знаме, со палење и кинење. На неколку локации во Скопје се слушаа и рафални пукања.

За овој случај известен е јавен обвинител, се преземаат дејствија за расчистување на настанот.

Политичките партии и поединци реагираа и го осудуваат сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на вчерашниот ден за време на прослава за Денот на албанското знаме.

Опозициската СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме. Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците.

“Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество, и секое однесување кое има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности.

СДСМ бара од Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија. Безрезервното спроведување на законите е единствениот пат до зачувување на мирот, безбедноста и довербата меѓу сите граѓани.

СДСМ повикува на смиреност и воздржаност од дополнителни провокации”.

И ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и го осудува сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на вчерашниот ден.

„Истовремено реагираме на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои веруваме дека има и политичка позадина и кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот.

ДУИ главно ја осудуваат полициската интервенција на настанот, за која оценија дека е без преседан. Го осудија и палењето на државното знаме, чин што го оквалификуваа како реакција на несоодветната полициска интервенција.

„Демократската унија за интеграција остро ја осудува полициската интервенција без преседан за време на прославата на Денот на албанското знаме, ден кој има исклучително значење за Албанците во Република Северна Македонија и ширум светот. Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција“, велат од ДУИ.

Претседателот на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски по повод злоупотребата на денот на албанското знаме излезе со реакција:

Секогаш како човек сум го сакал своето, а почитувал туѓото! – Денеска како човек но, и градоначалник на сите граѓани во Куманово од почит кон моите сограѓани од Албанската заедница го честитав денот на албанското знаме, а воедно и во рамки на годишната програма за култура со едногласна одлука на советот беше подржан овој настан како и многу други во Куманово кои ги негуваат правата на етничките заедници. За жал тоа што денеска го видовме на многу места по државата, па и во мое Куманово особено вандалското однесување на поединци и групи, непочитување на законот за употреба на знамиња од страна на институции и органи и уништување и сквернавење на нашето државно и Македонско знаме е за секаква осуда. – Јавно ги осудувам ваквите настани и барам од институциите на прогонот да истите вакву поединци и групи ги открие и изведе пред лицето на правдата и истите да бидат санкционирани според закон. Истото го очекувам и од моите колеги градоначалници на кои ова не им е прв пат да го кршат законот без да поднесат одговорност. Исто така очекувам јавна осуда на ваквите настани од сите парламентарни и вонпарламентарни партии во Македонија, како и сите представници на меѓународната заедница. – По ова денеска на тест е нашиот мултиетнички капацитет, дали е тоа искрена желба или пак само фарса? – Јас сум за реално мултиетничко општество во кое што сите взаемно ќе се почитуваме со еднакви права и обврски и сите еднакво одговорни пред закон. Да газиш и кинеш, уништуваш знаме на држава која те израснала, образовала платила и плаќа, вложувала во тебе е злосторство против истата и треба да се одговара. На крајот Македонија ќе победи, да живее МАКЕДОНИЈА!