Парискиот договор за климатските промени ќе стапи во сила на 4 ноември

Сподели

thumbs_b_c_c3d7135ebc7977ddaf3799314dbb2ff2

ЊУЈОРК (АА) – Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Бан Ки-мун, синоќа соопшти дека Парискиот договор за климатските промени го помина прагот на ратификација и дека во сила ќе стапи на 4 ноември, јавува Anadolu Agency (AA).

Во соопштението од гласноговорништвото при ОН се наведува дека Бан истакнал оти вчера е поминат вториот потребен праг за стапување во сила на договорот.

Тој ја пофали меѓународната поддршка за договорот од Париз и истакна дека овој заеднички чин на земјите дава надеж кога станува збор за борбата против климатските промени.

Генералниот секретар Бан побара да се вложи посебен напор со цел спроведување на овој договор, сите земји и претставници на приватните сектори да ја намалат емисијата на стакленички гасови и да почнат колку што е можно побрзо да го спроведуваат договорот, кој е постигнат за заштита на светот од неизбежните влијанија на климатските промени.

Договорот од Париз, кој кон крајот на минатата година го поддржаа речиси 200 земји, треба да обезбеди забавување на глобалното затоплување, со цел да се ограничи растот на глобалните температури, спречување на поплавите, сушите и порастот на нивото на морето.