Пендаровски одликуваше пет спортски легенди со „Медал за заслуги“

Сподели

 

Претседателот Стево Пендаровски, денеска на свечена церемонија во Кабинетот на Претседателот со „Медал за заслуги за РС Македонија“одликуваше 5 истакнати спортисти, великани и легенди кои оставија траен белег на спортските терени и дадоа огромен придонес за афирмација на македонскиот спорт и држава.

Претседателот Пендаровски ги одликуваше Лазар Лечиќ, постхумно – Благоја Георгиевски Буштур, Владимир Богоевски, Насе Насев и Борче Костовски.

“Иако сме мала нација како број, можеме да бидеме горди на нашите врвни спортисти кои во индивидуалните и колективните спортови остварувале и остваруваат највисоки резултати. Претходно веќе имав можност на дел од нашите освојувачи на највредни олимписки медали да им доделам највисоки државни признанија. Денес уште пет наши спортисти, спортски работници, тренери и селектори кои стојат зад успехот на натпреварувачите, ќе добијат медали за заслуги.

 

  • Како еден од најголемите и најпопуларни спортови на светско ниво, кошарката има богата традиција и популарност и кај нас. Едно од најзначајните имиња за развојот на македонската клупска и репрезентативна кошарка е секако нашата жива тренерска легенда Лазар Лечиќ. Со својата енергија и знаење за кошарката, а особено со својот препознатлив стил и лична харизма остави траен белег во историјата на македонскиот спорт.

 

  • Кога сме кај кошарката, не верувам дека има љубител на оваа динамична и возбудлива игра, кој не го знае името на Благоја Георгиевски – Буштур, кој, за жал, повеќе не е меѓу нас. Со својот вонсериски квалитет и луцидност во играта меѓу кошевите, Буштур ги достигна највисоките височини освојувајќи медали на најголемите натпреварувања. Денес со посебен пиетет постхумно му доделуваме Медал за заслуги.

 

  • Меѓу колективните спортови еден од најмасовните и најпопуларните е одбојката. Среќни сме како нација што го имаме нашиот спортски великан Владимир Богоевски кој беше играч од светска класа, успешен тренер и подоцна посветен спортски работник, освојувач на бројни медали, трофеи, награди и признанија. За сиот негов придонес за одбојкарскиот спорт и македонскиот олимпизам денес симболично му се заблагодаруваме со доделување на Медал за заслуги.
  •  

 

  • Освен великаните во колективните спортови, имаме особено значајни постигнувања и во индивидуалните спортови. Нашиот најуспешен спорт е борењето во слободен стил. Зад најголемите дострели на нашите борачи, меѓу кои и првиот освоен медал за независна Македонија на олимписките игри, стои името на долгогодишниот селектор Насе Насев. Со својата професионална работа и неуморен ангажман тој успеа да го издигне борењето во слободен стил, не само во најуспешен спорт меѓу боречките спортови, туку воопшто во сите спортски дисциплини. Не смееме да го заборавиме и неговиот долгогодишен ангажман и придонес во работата на Македонскиот олимписки комитет.

 

 

  • Со боречките спортови е врзан и нашиот најголем успех на олимписките игри како самостојна држава. Среброто на Дејан Георгиевски во Теквондо на Олимписките игри во Токио ја сплоти нацијата и ги израдува македонските граѓани. Најзаслужен за овој успех, за создавањето на македонскиот шампион е тренерот Борче Костовски, кој верувам дека допрва во иднина, со своите ученици ќе постигнува врвни  резултати на големите натпреварувања и повторно ќе не прави горди.

Дозволете ми на крајот, уште еднаш да потсетам на значењето на спортот за целата заедница, и за секоја индивидуа посебно. Да спортуваме рекреативно и професионално и да градиме здрави животни стилови и навики. Посакувам врвните резултати и постигнувања на нашите спортисти и нивните тренери, да бидат поттик за сите млади да тргнат по нивните стапки и повторно да ја радуваат македонската нација, истакна претседателот Пендаровски.