Претседателот Стево Пендаровски на својот официјален фб профил изрази сочувство за Италија, каде се заболени од коронавирусот 53.578 лица, а починати се 4.825 лица.
“Сочувство за Италија и сите нејзини жители, меѓу кои се и наши сограѓани. Тажни вести слушаме од Италија секој ден. Бројот на жртви од #COVID19 во едно деноноќие се брои во неколку стотици. Сликите од болниците се страшни, а трендовите се неповолни. Загрижувачки вести слушаме секојдневно и од многу други земји, во нашиот регион и подалеку.
Иако кај нас бројките се уште се во благ пораст, мораме да бидеме претпазливи. Да ги почитуваме препораките, да бидеме одговорни кон јавното здравје и да бидеме солидарни, колку можеме да си помагаме. Ограничете го своето движење и излегувајте од дома само за значајни потреби. Ова е заедничка битка, не само наша и не само тука. Заштитете се себеси и сите околу вас” – напиша претседателот Пендаровски.