По одлуката на САД и Русија ќе протера 35 американски дипломати

Сподели

 

Русија ќе протера 35 дипломати како одговор на вчерашната одлука на американскиот претседател Барак Обама да протера 35 руски дипломати од САД. Тоа го нагласи рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во изјава за медиуми.

–  Администрацијата на Обама што заминува ја обвини Русија за сите смртни гревови и се обидува нас да не обвини за своите промашувања во надворешната политика. Како што знаете, без основа продолжија да тврдат дека Русија влијаела врз изборната кампања во САД, рече Лавров.

Тој нагласи дека е неопходно да се применат реципрочни мерки.

– Нивното објаснување е прилично јасно. Дипломатските претставништва ги нарекоа “шпионски гнезда”. Ние не можеме да не одговориме на такви трикови. Реципроцитетот е закон во дипломатијата и меѓународните односи, истакна Лавров.

 Според него, 31 дипломат од Амбасадата во Москва и четворица од Конзулатот во Санкт Петербург ќе бидат прогласени за персона-нон-грата. Рускиот претседател Владимир Путин се очекува да ја потпише одлуката.

САД вчера како одговор на наводното мешање на Русија во претседателските избори во САД воведоа остри санкции спрема Москва меѓу кои и протерување 35 руски дипломати и затворање два објекта.

– Наредив преземање повеќе акции како одговор на агресивното заплашување на руската влада кон американски лица и кибер операции чија цел биле американските избори, нагласи американскиот претседател Барак Обама.

Тие акции како што наведе не се целиот одговор на САД за „агресивните активности на Русија“.

– Ќе продолжиме да преземаме различни акции во време и место кое ќе го избереме, а дел од нив нема да бидат објавени, додаде тој. На руските дипломати им е дадено 72 часа да ги напушптат САД.