Едукативната програма во рамките на МСУ – Скопје го проширува образовниот дискурс со серија предавања и работилници под наслов „МСУ Школо“ под менторство на уметникот Никола Узуновски.
Програмата почнува на 18 октомври, со почеток во 19.30 часот во МСУ. Предавањата ќе се организираат еднаш неделно, секој вторник (освен 26 октомври). Предавањата се бесплатни.
Препорака за континурано следење на наставата и претходна пријава на учесниците. Сите заинтересирани може да се пријават до 17-ти октомври на е-маил адресата: info@msu.mk, со име и презиме, професија и најава дали ќе го следат целиот курс или поединечни предавања.
Програмата има за цел да ja изостри генерална наобразба, познавање и интерес за визуелната, особено за современата визуелна уметност.
Програмата на „МСУ Школо“ е насочена, пред се, кон студентите на Факултетот за ликовна уметност, студентите по Историја на уметност и археологија, Архитектонскиот факултет, понатаму за студентите кои го изучуваат дизајнот, модата, но и кон сите оние кои пројавуваат интерес кон современата и имаат афинитети да добијат поизострена слика за уметноста.
Во серијата предавања ќе се посвети внимание на главните прашања кои ја дефинираат уметноста денес, како таа се користи преку експлицитни примери, главните теми кои се во фокусот на современата уметност, системот на продукција и нејзината интеракција со јавноста.
Темите кои се на распоред на програмата се занимаваат со дефиниција на уметноста, развојот на визуелната уметност низ вековите и како таа се надоградувала до денес, ќе се направи дистинкција помеѓу она што е уметност, а што занает, применетата уметност како дизајнот, архитектурата и маркетингот. За да се разбере современата уметност, неопходно е генерално предзнаење и за историјата на уметност.
Ќе се разговара за уметноста на 20-от век преку конкретни примери и правци, земајќи предвид дека во минатиот век имало големи промени во уметноста, чие влијание се уште и денес е присутно, степенувајќи ја важноста на уметноста која ја создавале Марсел Дишан, Енди Ворхол, Џозеф Кошут и Џеф Кунс. Потоа ќе се разговара за промените кои ги донесе уметноста во 21 век, преку селекција на најзначајните уметници на денешницата Олафур Елиасон, Риркрит Тираваниџа, Аи Веи Веи и Маурицио Кателан. На крај ќе се претстават најактуелните уметници денес како Тино Сегал, Хито Штејерл, Форензик Архитекчур, Томас Сарасено, Таниа Бругеира, Хива К. И други, а ќе се поразговара и за тоа како тие ја отсликуваат реалноста во која живееме и актуелните општествени прашања.
Програмата ќе посвети внимание и на современата уметност на Балканот. Преглед на најзначајните уметници присутни на интернационалната сцена како: Марина Аврамовиќ, Младен Стилиновиќ, Н.С.К., Немања Цвијановиќ, Дан Перјовши, Даниел Кнор, Адриан Паци, Селман Селма и други.
Во фокус на предавањата ќе биде и уметноста во Македонија, како и претставување на некои од најзначајните уметници, кои се активни, не само на локалната, туку и на интернационалната сцена, како колективот О.П.А., уметниците Игор Тошевски, Нада Прља, Јане Чаловски, Христина Ивановска, Велимир Жерновски…
Во рамки на последното предавање ќе се зборува за системите на продукција на уметноста во 21виот век и тоа за формалниот институционален, наспроти неформалниот систем. Акцентот ќе биде ставен на најважните институции кај нас, принципот на организирање изложби и школи, понатаму за значењето и улогата на кураторите, како и анализа на најважните фестивали и институции на уметноста, кои ја соединуваат
современата денес. Преку примери и искуствата на светски познатите фестивали: Венециско Биенале, Документа, Манифеста и Берлинско биенале, и музеи како:Тејт Модерн, Гугенхаим и Фондација Прада ќе биде степенувано значењето на нивната работа.
Тематски предавања според датуми: Презентација на МСУ Школо / вторник 18 октомври/ 19.30 часот. Воведно предавање за концептот и програмата на МСУ Школо. Кус преглед на се што ќе се опфати во програмата Развојот на уметноста од почетокот до денес / 1 ноември 19.30 часот. Во првото предавање, фокусот ќе биде ставен на развојот на визуелната уметност низ вековите и како таа се надоградувала. Ќе се објасни и разгранувањето со занаетот, применети уметности како дизајнот, архитектурата и маркетингот.
Уметноста во 20тиот век/вторник 8 ноември/ 19.30 часот. Подобро запознавање со уметноста од последниот век, преку повеќе примери и правци. Во минатиот век има големи промени во уметноста, чие влијание е се уште присутно и денес. (Марсел Дишан, Анди Ворхол, Џозеф Кошут, Џеф Кунс, Брус Науман, Џени Холцер).
Преминот меѓу 20тиот и 21виот век/вторник 15 ноември/ 19.30 часот. Главните уметници и промени во период во 90тите и почетокот на 2000-та година. (Демиан Хирст, Метју Барни, Феликс Гонзалес Торес, Треј). Уметноста во 21от век/вторник 22 ноември/ 19.30 часот. Вовед во главните промени во уметноста 21виот век, претставување на главните теми, куратори и селекција на 20тина од најзначајните уметници од овој период. (Олафур Елиасон, Риркрит Тираваниџа, Аи Веи Веи, Маурицио Кателан, Таниа Бругеира). Уметноста денес/ вторник 29 ноември/ 19.30 часот.
Претставување на најактуелните уметници и дела произведени во последниве 5 години кои ги отсликуваат актуелните прашања на општеството денес. (Тино Сегал, Хито Штејерл, Форензик Архитеклур, Томас Сарасено, Хива К.).
Современата уметност на Балканот/вторник 6 декември/ 19.30 часот. Преглед на селекција од најзначајните уметници од територијата на Балканот присутни на интернационалната сцена. (Марина Аврамовиќ, Младен Стилиновиќ, Н.С.К., Немања Цвијановиќ, Дан Перјовши, Даниел Кнор, Адриан Паци, Селман Селма). Уметноста во Македонија/вторник 13 декември/ 19.30 часот. Претставување на некои од најзначајните уметници од Македонија активни на локална или интернационална сцена. (О.П.А., Игор Тошевски, Нада Прља, Јане Чаловски и Христина Ивановска, Велимир Жерновски). Системите на продукција на уметност во 21виот век/вторник 20 декември/19.30 часот. Претставување на системите на продукција на култура, Формалниот институционален и неформалниот систем. Најважните институции, изложби, куратори, школи. (Венециско Биенале, Документа, Манифеста, Берлинско биенале, Тејт Модерн, Гугенхајм, Фондација Прада. Независна сцена).