Во Кривичниот суд денеска треба да започне судскиот процес против еден од напаѓачите при упадот во Собранието на 27 април годинава. Конкретно, денешното рочиште е за предметот против мажот кој ја потегна за коса сегашната министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.
Јавното обвинителство на почетокот на минатиот месец поднесе обвинение против напаѓачот и тоа е еден од првите предмети кои се процесуираат за овие напади во кои беа повредени повеќе пратеници, новинари и вработени во Собранието.
Според обвинението, напаѓачот се товари за насилство за кое е предвидена казна затвор од три до десет години. Напаѓачот претходно беше на распит во јавното обвинителство, а за дел од медиумите изјави дека не ја нападнал Шекеринска, туку сакал да ѝ помогне. Тогаш Радмила Шекеринска се здоби со тешки телесни повреди.
Ова е второ обвинение кое е поднесено за настаните од крвавиот четвроток на 27 април. Претходно беа обвинети и осудени на условни казни девет лица за учсетво во толпа.