Денеска претседателот на Владата Димитар Ковачевски на заедничка прес-конференција со министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски информираа за реализацијата на одлуката за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија, основните и средни јавни училишта и претпријатијата од областа на водостопанството.
Според податоците од ЕСМ, за помалку од еден месец за субвенционирано снабдување со струја се пријавиле 233 основни и средни јавни училишта, 50 јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици и од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти.
*Поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Владината одлука се однесува на компаниите кои што произведуваат производи – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија. Крајното влијание од оваа мерка ќе е стабилизирање и намалувањето на цените на финалните производи со кое веќе и се намалуваат во дел од индустриите.
*Со одлуката беа опфатени и на основните и на средните училишта. За да имаат непречено и сигурно снабдување со електрична енергија, основните и средни јавни училишта овозможивме да склучат договор за снабдување со „ЕСМ Продажба“, по цена од 95 евра по мегават/час.
*Можност за снабдување со електрична енергија од ЕСМ обезбедивме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици. Ова се направи со цел да обезбедиме непречено функционирање на овие витални функции во локалните самоуправи и цената за оваа намена ќе е 95 евра по мегават/час.
Заклучно со вчера траеше рокот за пријавување за сите оние кои сакаат да почнат да ја користат оваа повластена цена од 1 декември. За оние кои ја искористија таа можност и се пријавија АД ЕСМ преку „ЕСМ Продажба“ од 1 декември ќе почне со снабдување на трите категории потрошувачи опфатени со одлуката на Владата за субвенционирана струја.
*Од 474 јавни основни и средни училишта во државата, за субвенционирано снабдување се пријавиле 233, од сите градови.
*Од 70 јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици се пријавиле 50 субјекти.
*Од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти.
Субјектите кои не успеале да поднесат комплетни документи, во следниот период ќе можат да го сторат тоа и ќе бидат ставени на субвенционирано снабдување од 1 јануари.