Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на непрофесионалниот и понижувачки однос кон новинарите од АЛФА ТВ од страна на државното правобранителство.
Конкретно, станува збор за одговорот на испратените новинарски прашања по електронски пат во контекст на спорните закони за енергетика кои се во собраниска процедура, каде правобранителството во повратна комуникација кон новинарот поставува сомнеж дали истите се испратени од новинари или не.
Укажуваме дека јавните функционери треба да се трудат да дадат одговори на сите новинарски прашања, а не да ги игнорираат и понижуваат новинарите и медиумските работници.
Новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека функционерите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа.
Потсетуваме дека државните функционери се финансираат со јавни средства и должни се на отчетност и транспарентност пред новинарите и медиумските работници, а со тоа и кон граѓаните за нивната работа, се наведува во реакцијата на ЗНМ.