Масовно труење на животни: Поставувањето отров е кривично дело и за тоа се одговара

Сподели

На социјалните мрежи се погласни се апелите да се престане со масовното труење на животни, кое следи по неколкуте напади од страна на кучиња во кои беа повредени и неколку деца. Отровите на јавните површини се опасни за сите.

Активисти за заштита на животните известуваат дека на повеќе места низ Скопје деновиве е расфрлан отров, кој може да убие и човек.

Инаку, поставувањето отров е кривично дело и за тоа се одговара. Отруените животни се мачат и умираат во тешка агонија, а истиот може да биде кобен и по животот на децата.

Од „Анима Мунди“ велат дека лажните податоци не носат добро никому туку создаваат хистерија,  а граѓаните и животните ги изложуваат на многу поголема опасност, опасност од отрови кои во моментов масовно се злоупотребуваат и од кои и човечки жртви се само прашање на време.

“Ги повикуваме институциите да преземат конкретни мерки и да се превенираат, евидентираат и казнат сите лица кои во храна поставуваат нервни отрови кои се фатални како за животните така и за луѓето и кои дејствуваат во потполна разорна моќ во само 10 минути, дури и пократко. Животните не се закана во Скопје, ниту во нашата држава, издвоените случки како овој не смеат да бидат третирани со сензационализам. За природата на животните не смее да говори исклучокот, кучето било и ќе биде човеков најверен пријател. Животните не се криви што завршиле на улица и нема да ги снема со убивање, туку само и исклучиво со масовна стерилизација на бездомните и воспоставување на контрола врз причинителот бр.1 за нивното постоење” – неодговорното чување, неконтролираното размножување, фрлањето на милениците на улица, велат од Анима Мунди.