ЦИВИЛ – Центар за слобода и Министерството за внатрешни работи денеска потпишаа Меморандум за соработка во областите на борбата против радикализмот и насилниот екстремизам, како и различни аспекти на контролата на оружјето.
Потпишување на меморандумот е уште еден, не само декларативен, туку и конкретен чекор на Министерството за внатрешни работи во насока на интензивно отворање и кооперативност со граѓанскиот сектор, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по денешното потпишување на Меморандумот за соработка и партнерство со невладината организација Цивил.
„ Меморандумот како правна рамка овозможува широк дијапазон на активности. На пример, едукацијата и превенција од радикализација, насилен екстремизам и тероризам, проблемот со нелегалното оружје итн. Оваа соработка ќе придонесе во доменот на јакнење на довербата меѓу полицијата и граѓаните“, рече министерот Спасовски.
Претседателот на Цивил, Џабир Дерала рече дека го поздравува принципот на отвореност на Министерството за внатрешни работи за соработка со невладините организации.
„Граѓанскиот сектор може да даде силен придонес и како експертиза и како присуство на теренот во борбата против она што е најголема закана на современиот свет,а тоа е радикализацијата, насилниот екстремизам итн.“, рече Дерала.