Начините за излез од политичката криза биле тема на разговор на денешната средба на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и на специјалниот пратеник на сојузниот германски министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, амбасадорот Јоханес Хајндл.
На средбата било истакнато дека постои согласност дека решението на политичката криза е во реализацијата на обврските од Договорот од Пржино од страна на потписниците и дека врвен приоритет за Македонија е организација и спроведување на фер и регуларни избори.
„За таа цел неопходно е да се организира влада за исполнување на условите за избори и нивно спроведување и да се дефинираат прецизни рокови за клучните услови за фер и регуларни избори, а тоа се, пред сè, прочистување на избирачкиот список и обезбедување објективно известување од медиумите. Македонија има потреба од брзи и регуларни избори“, рекол Заев на средбата, стои во соопштението од партијата.
На средбата, Заев и Хајндл заеднички констатирале дека „целосното повлекување на незаконската аболиција беше неопходност и отвора пат за функционирање на правната држава, но дека се потребни и соодветни реформи што ќе го обезбедат непреченото спроведување на правдата“.
Заев – Хајндл: Потребна е влада што ќе спроведе брзи и регуларни избори