ПРЕДГРАДИЕ НА СВЕСТА – Изложба на слики од Тони Шулајковски

Сподели
Културно Информативен Центар – КИЦ – Скопје

Од 19 до 31 Мај

ТРАЕКТОРИЈА ИНСЕРТИРАНА ВО БЕЗВРЕМЕНОСТА

Творештвото на Тони Шулајковски е една звучна полифона импресија во постојано превирање. Тоа е сегмент на една траекторија инсертирана во безвременоста низ која се движи балансирано низ некои недоосознаени сфери на една бинарна аналогија на микро и макро универзумот на свеста и потсвеста.
Композицијата во својата диспозиција стреми кон монументалното, проткаена со хетерогено вткаени, заметнати симболи-метафори-алегории на собитија како самоникнати во симбиозата на цивилизациските рецидиви кои ги доживуваме ововремено и реално и надреално, оживувајќи ги фрагментарно и испрекинато, колажните инсерции на времето минато, сегашно и идно. Амебоидните силуети во зародишот, постојано се преобликуваат зачнувајќи една нова животворна енергија која како никулец неочекувано пак поникнува, еден нов зачеток, еден нов живот, еден нов свет, за`ртува и зачнува една нова светлина, една нова сончевина која провева низ касетно фасетираните облици и визури и со сета скала на лелеави восклици го слави животот во еден нов блесок, како една нова светлина како химна или „Oда на радоста“.
Бојата е звучен симбол – колоритна доминанта која постојано се преобликува, се трансформира и видоизменува , оттргната од палетата на широк колоратурен регистар. Метафорите на асоцијативното, симболичното, експресијата на бојата и гестот, инсерциите како инкрустирани во концептуалноста на контроверзното нè водат до восхит и кротка радост во доживувањето што ја понудува аурата на фантастичноста и фантазмагоричноста во симултаноста на секвенците и инверзија на фрагментите разоткривајќи постојано една нова слика во слика, побудувајќи ја едновремено и онаа медитативна катарза која луцидно проникнува во лавиринтите на свеста и понира по трагите на потсвеста, соочувајќи нè со релативитетот и кревкоста на постоењето и опстојувањето, со бескрајот на непознатото и извишувајќи нè, за миг над ефемерното.Сета таа констелација на непредвидливи спинови и вектори, сугерирани и акцентирани со импулсот на гестот го детерминираат енергетскиот и психолошкиот набој воведувајќи нè постојано во една нова загатка – енигмата на недоосознаеното.
Низ сиот тој отворен динамичен систем во постојано превирање и низ сиот регистар на дисперзирана или компактна, колоритна гама, аморфна, распрсната магма во излевање преточена во гранули или некаде воздушесто лазурна и транспарентна, се навестува текстура на скицуозно инкрустирани сегменти, скерца на собитиjа,обезличени во процесија на задкулисното кои сведочат, демнеат,укажуваат,опоменуваат набљудувајќи нè во лесно кршливото и трошно мигновено битисување, поткопувајќи ги или разорувајќи ги архетипските траги на кревкиот егзистенс во обид да се допре здивот на вечноста помеѓу сегментите на одминливоста и неодминливоста,воедно релативизирајќи ги и преиспитувајќи ги дострелите на сецивилизациските вредности. Синонимите на тие дострели се разобличуваат и се пресоздаваат во сиот арсенал на обезличени атрибути.Тоа е, не само творечки изблик во еден здив на крешендо кое води кон егзалтација, туку едновремено и синопсис на загатнати бројни парадигми на генезата.
Творештвото на Тони Шулајковски го доживуваме како една широко оркестрирана авантура опчинета од хедонизмот на љубопитноста, опчинетоста со магијата на истражувањето во неисцрпноста на разоткривањето на архипелазите на мистифицираното и демистифицираното, на осознаеното и неосознаеното, на светот во нас и светот надвор од нас.
Виолета Калиќ
историчарка на уметноста