Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за недозволена трговија со дрога, Специјалната антитерористичка единица – Тигар и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал пресекоа меѓународен канал за транспорт на марихуана од Република Албанија во Република Северна Македонија во количина од околу 200 килограми и приведоа две лица, соопшти денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
„По претходно преземени мерки кон Ш.А. (23) од с.Ливада, Струга, кој од претходно и е познат на полицијата како транспортер на дрога и кој бил задолжен да ја презема дрогата од Р.Албанија и потоа да ја транспортира до различни места во државата, вчера (20.03) околу 13 часот, на патот кон село Манастирец, Кавадарци полициски службеници дале знак за запирање на возило „ауди а6“ со струшки регистерски ознаки, управувано од Ш.А. (23), но тој не застанал и се дал во бегство, при што оштетил три полициски возила, а било употребено и огнено оружје, по што Ш.А. бил фатен и лишен од слобода“, рече Ангеловски. При преглед во возилото биле пронајдени седум големи торбици во кои биле сместени 180 полиетиленски пакувања со различна форма во кои имало марихуана.
„Со дополнително преземени активности во врска со овој случај, на бензинска пумпа на магистралниот пат Росоман -Прилеп е лишен од слобода и Н. А. (41) од село Зајас, Кичево, кај кого е пронајден и пиштол „Парабелиум“ 9 мм, без дозвола. По претходна издадена наредба за претрес во дом од страна на Судија на претходна постапка од Основен суд Кичево бил извршен претрес во домот на Н.А., при што бил пронајден уште еден пиштол марка „ТТ“ со 32 куршуми калибар 7.62 мм . Приведените во текот на денот ќе бидат предадени на надлежното обвинителство со соодветна кривична пријава“, соопшти Ангеловски.