доц. д-р Благица Новковска
Реалното попишување на населението и домаќинствата во Република Македонија зависи од дефиницијата за вкупното население и уште поважно од нејзиното целосно почитување. Случајно или не, оваа дефиниција недостасува во содржината на Предлог Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2020 година, но недостасуваат и други неопходни податоци кои треба да ги содржи пописната легислатива.
Клучниот демографски предизвик пред кој се наоѓа Република Македонија е да се знае реално колку сме и кои сме.
Досегашните искуства укажуваат на тоа дека на наредниот попис мора да му се посвети максимално можно внимание од сите релевантни фактори, а пред сè од Државниот завод за статистика (ДЗС), да бидат почитувани меѓународните стандарди и националните специфичности, како и да се одбегнат политичките вмешувања во која и да е фаза од пописните активности. Следниот попис мора да биде недвосмислено спроведен на најпрофесионална можна основа за да се обезбеди висок квалитет на податоците што ќе произлезат од него и целосна доверба во пописните податоци.
Претпописни соочувања
Отпочнувањето на пописните активности и досега споделените информации од надлежната институција за планираната пописна методологија треба да бидат доволен предизвик за интензивно анимирање на стручната јавност, како и на населението во целина. Пописните подготовки мора да бидат навремени, квалитетни и целосно транспарентни во однос на пописната методологија која ќе биде применета за попишување на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија во 2020 година. Пописната методологија треба да ги следи Препораките на ООН за пописите на населението и домувањето околу 2020 година (Conference of European Statisticians Recommendations for the 2020 Censuses of Population and Housing) и Регулативите на ЕУ за пописите на населението и домувањето но и да ги почитува националните специфичности, искуства и потреби.
Главната цел на меѓународните препораки и регулативи е да обезбедат:
– упатство и помош на земјите во текот на планирањето и реализацијата на нивните пописи и
– олеснување и подобрување на споредливоста на пописните резултати преку идентификација на сет на задолжителни пописни теми и хармонизација на концептите, дефинициите и класификациите.
Според меѓународните препораки, пописните теми се дизајнирани како задолжителни и незадолжителни, а врз основа на релативното значење и релевантноста за нивното вклучување во пописната содржина. Задолжителните теми традиционално се третираат како суштински за обезбедување на клучни информации за населението и живеалиштата, а коишто се во согласност со најголем дел од националните потреби. Незадолжителните теми се помалку витални и затоа се опционални. Сепак, во одредени земји заради посебни околности и барања тие имаат еднакво значење како задолжителните. Во групата на задолжителни теми се: локацијата на местото на вообичаено живеење на населението за кое треба да се попишува, локација на живеалиштето, пол, возраст, законски брачен статус, де факто брачен статус, статус на работната сила, занимање, гранка на економска дејност и економски статус за вработените лица, локација на работното место, нивото на образование, земјата на раѓање, земја на државјанство, престој во странство и година на доаѓање во земјата, претходно место на вообичаено место на живеење и датум на пристигнување во сегашното место и др. Во групата на незадолжителни теми се:локација на училиштето, вид на работно место, приход на домаќинството, писменост, стекнато државјанство, земја на претходно вообичаено место на живеење, вкупно времетраење на престојот во земјата, место на вообичаено живеење пет години пред пописот, етно-културните карактеристики (етничка припадност, религија и јазик) и др.
Извор: pexels.com
При носење на одлуката кои опционални пописни теми ќе бидат избрани битни критериуми се: националните потреби, расположивоста на потребните податоци од други извори, обезбедувањето на споредливост на податоците, методот на попишување, а особено националните состојби и специфичности.
Дали се подготвува реално пребројување колку не има и кои сме?
Од самиот почеток на споделувањето на информации за текот на пописните подготовки соочени сме со селективно, нецелосно и недоволно транспарентно претставување на содржината на пописот, како и на начинот на неговото спроведување. Ваквите состојби една година пред најавеното попишување во 2020 година треба да предизвикаат особен интерест кај пошироката јавност.
Се чини дека, ниту малку случајно анимирањето на јавноста започна со информирањето дека клучна одлука за квалитетот на следниот попис ќе биде исклучувањето на дел од пописните теми кои се однесуваат на етно-карактеристиките на населението што ќе се попишува. Едновремено со тоа беше посочен првиот наводно „силен“ аргумент за таквата одлука: податоците за етничата и религиската припадност на населението во Република Македонија немале употребна вредност. Овој аргумент веднаш го демантира самата содржина на Програмата за статистички истражувања за периодот 2018-2022 година објавена од Државниот Завод за Статистика (ДЗС), а според која во 35 статистички истражувања се прибира податок за етничката припадност на лицата кои се предмет на статистичко истражување.
Вториот „посилен“ аргумент беше дека овие пописни прашања биле причина за проблеми при спроведувањето на досегашните пописи, па дури и за нивно пропаѓање, како и тоа дека успешноста на следниот попис зависела токму од исклучувањето на прашањето за етничката припадност на населението. Овој аргумент го демантираат досегашните искуства со пописите во Република Македонија. Во ниту еден досега оранизиран попис воопшто не било спорно вклучувањето на пописното прашање за етничата припадност.
Секогаш најтежок предизвик било дефинирањето на категоријата вкупно население според вообичаеното место на живее во Република Македонија, односно утврдувањето кои лица ќе бидат вкупно попишани, а кои од нив според прецизно дефинирани криериуми ќе бидат дел од вкупното население на земјата што во следните постпописни години ќе се анализира според демографските, образовните, економските, етно-културните и други карактеристики. Последниот попис беше неуспешен токму заради непочитувањето на прецизно дефинираните критериуми за попишување на лицата и внесувањето на неточни податоци за дел од нив, а со намера да бидат сметани како дел од вкупното население на Република Македонијаиа иако со години живеат и работат во други земји.
Критериумот „вообичаено место на живеење“ при утврдувањето на вкупното население се покажува дека е најкритичниот и најчувствителниот дел од пописната методологија и нејзината практична примена во Република Македонија, затоа што директно влијае врз пописните резултати за вкупното население во земјата. Едноставно, овој концепт значи дека секое лице може да има само едно живеалиште како вообичаено место на живеење, а со самото тоа треба да биде попишано еднаш (и само еднаш). Големиот интензитет на отпорот кон целосна примена на овој концепт во Република Македонија произлеегува од тоа што резултатите од попишувањето согласно овој концепт може да предизвикаат забележителни поместувања во структурата на населението (очекувани и неочекувани), како и промени кај сите главни индикатори за демографските, етничките и социо-економските карактеристики на лицата кои живеат во Република Македонија и кои не се отсутни од земјата подолго од една година.
За жал, оваа дефиниција недостасува во содржината на Предлог Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во 2020 година, а недостасуваат и други неопходни податоци кои треба да ги содржи пописната легислатива: наведување на документите кои попишуваните лица треба да ги поседуваат, пописнните теми кои ќе бидат преземени од административни извори, пописните теми за кои ќе се собираат податоци на терен, критичниот момент на кој ќе се однесуваат административните податоци, инструментите за контрола на квалитетот и опфатот на пописот и др.
Најавената можност лицата државјани на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство електронски да се самопопишат дополнително ги продлабочува нејаснотиите и ја зголемува недовербата кон пописните податоци, заради отсуство на прецизно дефинирање на времетраењето на нивното отсуство од земјата и пописните теми кои ќе се однесуваат на нив.
Вклучување на алармот
За да може ефективно да се реализира пописот од 1 до 21 април 2020 година, веќе на почетокот од 2019 година мора да се финализирани и јавно достапни : законската регулатива, вкупната содржина на пописот и од тоа содржината на податоците кои ќе се преземат од административните збирки на податоци, електронските пописни прашалници и нивната содржина т.е. апликациите за попишување подготвени на 7 јазици, како и методолошките материјали за пробниот попис и пописните инструменти за контрола на квалитетот и опфатот на пописниот материјал. Но, најважно од сè е дека треба да се утврдени сите можни ризици од најавениот комбиниран метод на попишување и електронско прибирање на податоците. Највисокиот ризик, покрај недостатокот од прецизна дефиниција за вкупно население, се чини дека го носи најавениот метод на прибирање на пописните податоци. Според меѓународните препораки секоја одлука за промена на методот на попишување мора да се потпира на прецизно утврдени ризици и нивното можно влијание на пописните резултати. Овој ризик е особено изразен имајќи предвид дека досега ДЗС за ниту едно статистичко истражување на домаќинствата не го применил овој метод. Воедно, најавено е електронско прибирање на податоци на повеќе јазици без да биде прецизирано како тоа практично ќе се реализира, имајќи ги предвид усложнувањата поврзани со мултикултурноста на локално ниво. За да се реализира електронското теренско попишување претходно мора да бидат тестирани и многу технички аспекти, а пред се заштитата на пописниот материјал. За примена на комбинираниот метод важно е транспарентно информирање на јавноста за нивото на методолошката компатибилност на податоците преземени од административни збирки на податоци и тие собрани со теренското попишување. Јавноста мора да биде целосно запознаена со обемот, квалитетот, видот и точниот административен извор на податоци што ќе бидат внесени и искомбинирани со податоците што ќе бидат прибрани со директно електронско попишување. Меѓутоа, во услови на непостоење на дефиниција за вкупното населние во законската регулатива се јавува ризик да не се знае за кои лица ќе се селектираат административните податоци.
Предвидениот пробен попис би требало да се случи наскоро, доколку надлежната институција е подготвена за тоа. Но, независно од тоа ДЗС набргу треба да ја објави планираната пописна содржина на својата интернет страна, за да овозможи јавноста да се запознае со методологијата, опфатот и стандардите што се почитувани при подготовката на оваа долгоочекувана и најмасовна статистичка активност. Единствено на таков начин може да се постигне зголемување на довербата на населението во професионалниот пристап на оваа институција, како и потребната подршка од стручната јавност.