Претседателскиот кандидат Трамп вети економски раст

Сподели

ЊУЈОРК (АА) – Претседателскиот кандидат на Републиканската партија, бизнисменот Доналд Трамп, во воето обраќање во Економскиот клуб во Њујорк вети дека доколку победи на претседателските избори закажани за 8 ноември, во наредните 10 години американската економија ќе има годишен раст од 3,5 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).

Според плановите за штедење што ги изработил, Трамп рече дека ќе успее да обезбеди економски раст од околу 4 отсто, со што ќе се намали буџетскиот дефицит.

Републиканскиот претседателски кандидат за американскиот долг го рече следното:

„Во изминатите 7 години, економијата имаше годишен раст од само 2,1 отсо. Тоа во последните 70 години е најбавен период. Покрај тоа, политиката на Обама и на Клинтон се причина што јавниот долг се зголеми двојно. Долгот од 10 трилиони долари, кој Америка го создаде во период од 230 години, Обама го зголеми за уште 10 трилиони за само 8 години“.

Трамп рече дека неговиот храбар и амбициозен економски план, именуван како „Раст, вработеност и посветеност кон семејството“, во наредните 10 години во САД ќе обезбеди работа за 25 милиони лица, што во САД ќе донесе зголемена вработеност, поголеми плати и поголеми приходи.

Трамп истакна дека доколку биде избран за претседател на САД, планира да ги намали федералните трошоци и верува дека во наредните 10 години на државата ќе ѝ обезбеди заштеда од трилиони долари.

– „Ќе го вратам нашето богатството од странство во државата“

Трамп рече дека планира да изврши реформи и на полето на даноците, и намалувањето на даноците за 4,4 трилиони долари е наменето за американските работници и за луѓето од средната класа. Според Трамп, најголема корист од даночното намалување ќе има токму оваа група и вети дека семејствата со ниски приходи нема да плаќаат данок на доход.

Трамп во економската програма планира големото изнесено американско богатство повторно да го врати во земјата. Во таа насока, планира досегашната даночна стапка од 35 отсто да ја намали на 10 отсто. „Се зборува дека Америка има 2 трилиони богатство надвор од своите граници. Според мене, тоа богатство изнесува 5 трилиони. Затоа, наместо 35 отсто, даночната стапка ќе ја намалам на 10 отсто, и овие пари ќе ги вратиме во земјата“, рече Трамп.

Тој смета дека во различни сектори е направена прекумерна регулатива, што економијата во земјата ја чини 2 трилиони долари. Ова се одразува врз семејниот буџет со дополнителен трошок од 15.000 долари годишно. Трамп најави дека доколку биде избран за претседател на САД, ќе ги укине непотребните регулативи.

– Либерализација на полето на енергетиката

Доналд Трамп најави дека ќе ги намали и регулативите во рамките на програмата „Визија за чиста енергија“ на Барак Обама, со што ќе се зголеми производството на енергија во земјата.

Тој изјави дека направиле пресметки за придобивките од либерализацијата на полето на енергетиката. Според него, тоа ќе овозможи прилив од 100 милијарди долари во бруто домашниот производ, можност секоја година да се отвораат 500.000 нови работни места и во наредните 7 години, вкупните годишни плати ќе бидат зголемени за 30 милијарди долари, со што во наредните 40 години се очекува зголемување на приливот од федералните, државните и од локалните даночни такси за 6 трилиони долари.

– Трговски договори

Трамп изјави дека трговскиот дефицит на САД на годишно ниво се приближува кон бројката од 800 милијарди долари и дека тоа е голем товар за економскиот раст. Тој тврди дека трговските договори, како што се НАФТА (Северноамериканска зона за слободна трговија), Транс-пацифичкото партнерство (ТПП) и договорот со Јужна Кореја го убиваат вработувањето во САД.

Сите договори што им штетат на работниците во САД ќе бидат повторно разгледани, ќе бидат обновени преговорите со НАФТА, а САД ќе ја држат настрана од договорот на ТПП.

Трамп тврди дека Кина ги краде трговските тајни и интелектуалната сопственост на САД и рече дека со цел да се стави крај на сето тоа, САД ќе испратат протестна нота до Кина.

Републиканскиот кандидат за претседател на САД, Трамп, смета дека реформите на полето на трговијата, енергетиката и регулативата, на САД ќе им овозможи заштеда од 1,8 трилиони долари.