Преземени дисциплински мерки за телохранителот на Мијалков

Сподели

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговараше на новинарско прашање во врска со информацијата дека телохранител на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, претепал женско лице пред очите на своите колеги полицајци.

Спасовски рече дека веќе се преземени сериозни и дисциплински мерки кон полициски службеници.
На новинарско прашање за тоа дали имаат полициско обезбедување Мијалков и Чавков, Спасовски рече дека имаат решение за полициско обезбедување од четири, односно шест полициски службеници во времетраење направено врз основа на проценките направени од Управата за безбедност и контраразузнавање.
Инаку, како што објави ТВ24, телохранител на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, претепал женско лице пред очите на своите колеги полицајци.
Инцидентот се случил минатиот викенд пред полициската станица Карпош. Според очевидците, телохранителот на Мијалков ја нападнал жената со тупаници во главата. Еден од сведоците на настанот повикал итна медицинска помош.

Целата драма се одвивала пред полициската станица во Карпош, затоа што според сознанијата жената дошла во оваа полициската станица со намера да пријави дека претходно била физички малтретирана од истото лице. Но, тој дошол веднаш по неа, и ја нападнал пред присутните полицајци.
МВР уште тогаш за ТВ 24 потврди дека личниот обезбедувач на Мијалков од редовите на МВР е суспендиран, други детали не соопштуваат додека не заврши целата истрага.

„Сепак, дознаваме дека против него е поднесена прекршочна пријава. Според нашите извори, внатрешната контрола во министерството го одземала целото оружје кое го поседува телохранителот на поранешниот директорот на УБК. Одземени му се три пиштоли и еден хеклер службено оружје, како и две ловни пушки во негова приватна сопственост. Телохранителот на Мијалков ќе остане суспендиран и без своето оружје до завршувањето на постапката за утврдување одговорност. Инаку, суспендираниот полициски службеник од шестата управа е еден од шесте лични телохранители кои му следуваат на функционерот по завршувањето на функцијата“, објави телевизијата.

Ова не е прв пат, лице од личното обезбедување на Мијалков да направи инцидент. Во февруари годинава, пратеникот Мухамед Зекири тврдеше дека бил нападнат од телохранителите на Мијалков во познат скопски ресторан. По крвавиот упад во Собранието пак, се појавија фотографии од поранешни обезбедувачи на Мијалков како ја упатуваат толпата кон салата каде се наоѓаа пратениците.