Една Може е Граѓанска Организација, која во еден краток период, пред три години, најпрвин спонтано, а потоа и формално успеа да обедини во заедништво повеќе од 3000 самохрани родители и родители од еднородителски семејства само поради главната цел и кауза која ја има, а тоа е самопомош и поддршка на самохраните родители или оние кои се чувствуваат како такви поради отсуството на родителската одговорност од страна на другиот родител.
Во отсуство на какво било здружение од овој тип: искрено, изворно и стручно, самохраните родители, во најголем број мајки, се обединија за погласно и заеднички да ги отсликаат слабостите на општеството, да покажат дека имаат еден живот за живеење, да го кренат својот глас во борбата за подобар и поквалитетен живот надвор од стегите на стигматизацијата, дискриминацијата и ограничувањата, како за себе така и за своите дечиња.
За сеопфатноста од нашата област, на нашата ГО говорат и акциите кои се спроведуваат: собрани животни стории, заеднички тренинзи, семинари, обуки, јакнења на тимски капацитети, развивања на комуникациски и тимски вештини, хуманитарни акции, посета на феминистички фестивали и конфенернции ширум светот, претставување на РМ на истите, претставки, развој на неколку социјални претприемништва, аксцелераторски програми, економски јакнења, психо-терапевтски советувања, менторски насочувања, правни спроведувања низ институции, заеднички проекти низ поддршка од секаков вид, заеднички прослави на празници, родендени на дечињата, организирани одмори, викенди, вмрежување со сродни ГО од Балканот, СОС он лајн линија која работи 24/7, лобирања за законски промени, за општинско вклучување, пред парламентарци и донесувачи на одлуки, форуми, претставувања на ТВ, печатени и социјални медиуми, кампањи, работилници за сите клучни проблематики, и сето тоа паралелно и соодветно спакувано, и за возрасните наши членки/ови и за дечињата.
Зедничкото споделување на макотрпните моменти дава една огромна поддршка да сфатиме дека не сме сами, дека не сме единствени со ваков вид на неможности, но и обединети да се избориме за подобро утро, кое секој/а еден/на го заслужува.
Спонтано се наметна потребата за формализирање во Граѓанска Организација, а со тоа и обврската да бидеме и поконструктивни и поупорни во покренување на иницијативи кои се однесуваат на законски измени во неколку сфери. Измените се однесуваат пред се на потребата јасно и недвосмислено да се дефинираат термините самохран родител и еднородителско семејство, да се земат предвид сите контексти од кои потекнуваат овие семејства и да се определи дискурс кој однапред го дефинираме како еднаква појдовна точка за секој/а еден/на фамилија.
Потребата да се определи минимален износ за определување на месечна издршка за да одговара на реалните потреби на децата, формирање на Државен фонд за месечна издршка, Семеен суд, но и определување на родителската одговорност, особено после развод, како и потребата да се укаже на различностите во секоја фамилија што подразбира индивидуален но сепак јасно утврден пристап од страна на Центрите за социјална работа.
Тргнувајќи од членот 76 од Законот за семејство кој јасно дефинира цитирам: „Родителското право родителите го вршат заеднички и спогодбено„ како и член 8 од истиот закон дека:„ Родителите спрема своите деца имаат еднакви права и должности (родителско право)“ и тоа „право го вршат родителите заедно во согласност со потребите и интересите на децата“, се стремиме да дејствуваме во насока на сензибилизација на пред се младото население, дека иако улогите во модерното општество се наметнати од род или пол, од традиционална поставеност, економски, социјален и образовен аспект на потекнување, сепак, самите имаме можност да одредуваме кон каде ќе целиме. Тоа значи дека нашата одговорност кон нашите деца е пред се лична, а потоа и општествена. Затоа сакаме да потенцираме дека како што основно начело при одредување на најдобар интерес на детето е да се обезбеди неговата потреба, укажуваме и на тоа дека секое дете, па и семејство, има различни потреби, различни околности во кои расте, различни културни видувања и системи на вредности, а тоа ја дефинира неопходноста од индивидуален пристап. Сметаме дека и двајцата родители се еднакво а различно потребни во животот на децата. Сепак, кога веќе имаме над 50.000 еднородитески семејства, на хартија, плус уште најмалку третина од тоа се сивата бројка, изнаоѓаме начини да обезбедуваме достоен живот за сите нив.
Нагласуваме дека се противиме на секоја мизогина изјава, шовинистички перспективи и женомрзачки активности. Портеретизација на самохраните мајки, наметнување на синдромот “blaming the mother”, етикетирање, алудирање на промискуитет и сомнителен морал и слични угнетувачки алатки, најстрого забрануваме и се обврзуваме да ги изнесуваме во јавност, да ги растајнуваме и правно процесуираме.
Ние, како Една Може!/Nje mundet!/Onecan!, се покреваме со ненасилна акција, сме против говорот на омраза, сме против дискриминација и против генерализирање и стереотипизирање. Ова значи дека челоносната порака ни е неограниченото право на слободен избор, во однос на семејниот конструкт, но и во секоја животна сфера. Ова значи се противиме на секоја пресумпција, односно еден ист третман на сите различности. Оттука проблемите кои настануваат во делот на родителствувањето, не произлегуваат од непостоењето на позитивна законска регулатива во Република Македонија во однос на оваа проблематика туку од непочитување на постоечките законски надлежности, овластувања и спроведувања, како и лична родителска одговорност и тука не може и не смее да има генерализирање. Ова значи дека инсистираме на зајакнување на институциите во насока на зачувување на принципот “најдобар интерес на детето”, повикуваме кон поголема односно поактивна улога на социјалните работници и советодавните служби и дефинирање и истовремено диференцирање на поимите “најдобар интерес на детето” и “права на родителите” затоа што едното не го имплицира другото и обратно. Апелираме за соработка помеѓу сите конституенти, зошто за секој/а еден/на семејна заедница да може!, потребни сме сите.
Се оградуваме од одговорност при изнесувањето на лични ставови на наши членки/ови, особено од ставови изразени на поединци во приватни профили и особено истакнуваме дека она што не е јавно објавено од наша страна од наше име, не може никако да се смета за наш став. Ги замолуваме медиумите пред да објават текстови во кои треба да го објават нашето име да не контактираат за авторизација, затоа што намерно или ненамерно се оттрга јавноста од нашиот примарен фокус, а тоа е добробита на секое дете и возрасен/на, кое доаѓа од еднородителско семејство и подобра иднина за секое еднородителско семејство.
Тимот на Една може!