Приведен Драги Рашковски – ОЈО бара притвор

Сподели

 

Полицијата утрово го приведе поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, заедно со Даниел Станчев, сопственикот и управител на фирмата „Инвока гроуп”.

Се очекува Рашковски да биде изведен пред судија на претходна постапка.

Како што соопшти ОЈО-ГОКК, на 18 март е отворена предистражна постапка за случајот со софтверот за МВР, по што е заклучено дека има доволна основа да се почне истрага. Рашковски е осомничен за местење на тендерот.

„Во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, со умисла извршил три дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот, доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот. На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300,00 денари со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена“, образложи ОЈО-ГОКК.

Според сопштението, во летото 2019 година, првоосомничениот донел уште две одлуки за јавна набавка на работи за потребите на софтверот, иако во тоа време сѐ уште не бил склучен договор за набавка на таков софтвер. Со избраните економски оператори како најповолни понудувачи биле склучени договори на износ од 1.416.000,00 денари со вклучен ДДВ и од 4.605.021,00 денари со вклучен ДДВ.

„Со дејствијата што ги извршил, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 11.018.321,00 денари“, посочуваат од обвинителството.