Здружението на новинари на Македонија ги повикува своите членови и сите новинари кои имаат конфликт на интереси и имаат други ангажмани во рамки на Владата или останати јавни институции да се определат дали ќе се занимаваат со новинарство или со некоја друга јавна професија или функција.
По информациите во јавноста дека одредени новинари се ангажирани од институции на државно и на локално ниво, сакаме да укажеме дека тоа е спротивно на Кодексот на новинарите на Македонија. Во темелните принципи, кои ги имаат прифатено сите наши членови, една од основните професионални задачи на новинарите е „контролата врз власта и другите субјекти од јавниот живот“.
Понатаму според Кодексот „новинарите имаат улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, тие ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот“, – се вели во соопштението на ЗНМ.