Утре во куќата на бесмртните, МАНУ, со почеток од 12 часот, ќе се случи уште една промоција на Балканската сага, односно четирите романи објавени во Загреб, во издание на Тим-прес (Tim-press): “Времето на козите”, “Враќањето на козите”, “Ервехе” и “Љубовта на генералот”.
Академик Таки Фити, претседател на МАНУќе има свое обраќање додека промотивната реч ќе ја одржат Елизабета Шелева и Ферид Мухиќ.
Најавено е и обраќање на амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Даниела Барешиќ, како и директорот на издавачката куќа Тим-прес, Хашим Бахтијари.
Балканската сага на балканскиот, европски и светски ерудит-литерарниот маг, академик Луан Старова и натаму го привлекува вниманието на издавачите, додека париската книжевна критика (Livres Hebdo,8.maj 2009), неговите романи, високо ги вреднува и ги става “во редот на големите европски романи’’.
Тим – прес, неодамна, во еден том, ги објави се романите на Луан Старова “Времето на козите” и “Враќањето на козите”.
Претходно, во 2017 година, во превод на Жељка Демниева и Споменка Демниева, го објави на хрватски јазик и романот “Ервехе” – книга за една мајка, прогласен за роман годината во Македонија (2005).
Осмиот роман “Ервехе” на хрватската читателска публика и го приопшти Миленко Јерговиќ, познат писател од Хрватска и регионот,а успешно беше преставен и на Саемот на книгата во Пула со присуство на авторот.
Истиот издавач Тим-прес, во 2018 година, го објави на хрватски јазик и четвртиот роман Луан Старова “Љубовта на генералот”, во превод на Мате Марас. Овој роман инспириран од балканските случувања од времето на Првата светска војна, беше објавен во времето на одбележувањето на стогодишнината од Големата војна.
Kултниот роман на академик Старова, “Времето на козите”, досега, во светот, објавен на дваесет јазици, додека во Хрватска, за првпат, беше објавен пред близу дваесет години, исто така, во превод на големиот хрватски преведувач Мате Марас.
Излезе во познатата едиција на ,,хит-романи’’, додека романот “Враќањето на козите” е во превод на проф.др. Борислав Павловски.
Објавувањето на овие четири романи го означува натамошниот успешен пробив на ,,Балканската сага’’ на нашиот познат автор во хрватскиот културен и јазичен простор. Претходно, повеќе романи од оваа сага, се објавени во Франција, Германија, Италија, Турција, Бугарија и други земји.
Ова, секако, се должи на оригиналниот, жив и искрен пристап кон една комплексна животна материја, толку битна за иднината на балканските народи и Европа.
Неговата Балканска сага, опфаќа 12 романи за кои ја доби престижната награда „Marguerite Yourcenar“. Носител е на Медал на Здружението на писатели кои творат на француски јазик,како и на највисокото француско признание – Ореднот Легија на честа – Витез на уметноста и литературата.
Ракописот на академик Луан Старова, покрај како писател кој пишува на албански, македонски и француски јазик, препознатлив е и во неговото преводителство,потоа како дипломат, но и како универзитетски професор за француска литература, сега во пензија.
Академик Луан Старова е роден во Поградец, Албанија, од другата страна на Охридското Езеро, во 1941 година, додека во 1943 се преселуива во Струга, а оттаму во Скопје.
Дипломираше на Катедрата за француски јазик и литература во Скопје, магистратурата и докторат го стекна во Загреб, по што специјализираше во областа на модерната француска книжевност, на престижната Сорбона во Париз.
Академик Луан Старова остави печат и како кариерен дипломат, уште од времето на заедничката југословенска држава,како амбасадор во Тунис и Палестина, а по осамостојувањето на земјата беше прв македонски амбасадор во Франција,постојан претставник во УНЕСКО и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија.
Веле Митаноски