Промоцијата на стихозбирката “Моето алтер его” од Елеонора Николовска

Сподели

Промоцијата на стихозбирката “Моето алтер его” од Елеонора Николовска, родена кривопаланчанка, создаде извонредна атмосфера во Центарот за култура во Крива Паланка. Стиховите што ги издвоија поетесите Емилија Колевска и Ирена Белешковска, ги освоија присутните со емоции.

Во оваа збирка, се отвора поглед кон “совршени моменти” во 47 песни, што се разиграни на 80 страници, илустрирани од фотографката на Ана Срока од Полска.

“Поетовото алтер его “ѕирка” низ клучалката на животот отклучувајќи суштински работи, расонувајќи нѐ од зачмаеност преку изразот создаден на јазикот наш насушен, македонски, постојано р’тејќи од никулци просеани низ целиот свет#, рече промоторката Ирена Белешковска

Николовска истакна дека настанот во родниот град ја исполнува со гордост, што дополнително го потврдува значењето на Крива Паланка како “Град на културата”.

„ Посебно ми беше драго што ја претставив мојата стихозбирка пред моите сограѓани и јас уживав за цело време додека траеше промоцијата. Се чувствував благопријатно, а сите учесници навистина се имаа потрудено многу, изведбата беше донесена до извонредност, барем јас така ја доживеав“, рече Николовска.

Промоцијата на „Моето алтер его“ во Крива Паланка следуваше по интернационалната промоција во Хрватска и учеството на Николовска на 13-от Меѓународен поетски фестивал „Морето на дланка“, кој  се одржа на 24-25 мај во Пула и Ровињ.

Николовска е авторка и на збирката поезија „Чекајќи го животот да се случи“ (2021) и збирката раскази „Расказите раскажуваат“ (2023), а нејзини поетски творби, раскази, афоризми, сатирични песни и други творби се објавени во над 70 различни збирки, зборници, списанија , антологии и други изданија.