Протест на грчките новинари во Атина, бараат средба со Ципрас

Сподели

protest-novinari-atina-860x680

Неколку стотици грчки новинари и медиумски работници денеска излегоа на протест пред грчкото собрание, од каде испратија порака до грчката влада дека не сакаат и нема да дозволат да згаснат телевизиите и 2.000 луѓе да останат на улица.

Новинарите апелираа до владата да ја смени политиката и кажаа гласно „не“ за медиумскиот мрак и за владината одлука за ограничување на бројот на национални ТВ-концесии, со која сметаат дека владејачката партија СИРИЗА наместо да помогне да се излезе од кризата, остава илјадници вработени луѓе на улица.

„Не за нови невработени“, „Не за медиумскиот мрак на телевизиите“, „Надежта умре“, „Да за работата, не за црнилото во нашите животи“, беа само дел од паролите испишани на паноата пред грчкото собрание.

Новинарите бараат владата да ги загарантира работните места на околу 2.000 вработени во телевизиите „Алфа“, „Стар“, „Епсилон“ и „Мега“, кои останаа без концесии и кои при крајот на годината, по истекот на рокот од три месеци, е неизвесно дали и како ќе продолжат со емитување програма. Голем број од нив се песимисти дека владата може да направи некаква отстапка и велат дека се надеваат одлуката за концесии да падне на Уставен суд.

Мирните демонстрации ескалираа со ненадејна одлука на група од демонстантите да го преселат протестот пред премиерската палата. Неколку десетици новинари и техничари, трчајќи се упатија пред објектот на премиерот Алексис Ципрас, во обид да стигнат таму пред да бидат блокирани од полициски кордон. Околу 50 лица успеаја да се пробијат пред полицијата и да стигнат до премиерската палата, пред која беше распослано црно пано со порака „Нема отстапки за медиумскиот мрак“.

Вработените во телевизиите скандираа против грчката влада и бараа прием кај Ципрас.

„Премиере, сите изјави и говори ги давате пред нас, излезете да нè видите пред да нè уништите“, „Седиме и протестираме на улица за да не завршиме на улица“, „Зборувавте со нашите шефови, примете нè сега и нас“, порачаа собраните пред премиерската палата.

Протестот е во тек, а новинарите и медиумските работници се во исчекување дали и кога грчкиот премиер ќе прифати средба за да ги слушне нивните барања.

meta.mk