Пушкарски и ножарски мајстори во Македонија

Сподели

 

Покрај Дебар и Тетово, Скопје се издвојува како еден од најпознати центри за изработка на оружје во Македонија, каде постоеле пушкарска и ножарска чаршија.
 
 
 
 
Оружарската дејност во Скопската чаршија континуирано можеме да ја следиме повеќе векови. Во Скопје се изработувало оружје по нарачка, но и оружје кое било изложено и за продажба во дуќаните во чаршијата.
 
 
 
 
Скопските мајстори, оружари, во текот на минатиот век изработувале: јатагани, ножеви, ками, анџари и сабји. Основна и главна суровина за изработка на ова оружје било железото и челикот, кое  го добивале од повеќе извори. До 60 год на XIX век најмногу го користеле железото од рудниците во Крива Паланка, а од 70 год на XIX век се увезувало и железо од Англија, Норвешка и Шведска. Покрај метал, оружарите употребувале и коска, рог и дрво за изработка на рачките и омотот за оружјето.
 
 
 
 
 
Работилниците за изработка на оружје имале две простории. Во предниот дел  на работилницата се вршеле завршните работи при изработка на оружјето, како изработка на детали и прецизни работи, каде воедно биле и изложувани готови производи. Зад оваа просторија, имало уште една каде што се наоѓала ковачница со огниште, мев за дување и наковална. Забележано е дека само еден скопски пушкар го изработувал оружјето во својот дом, а готовите производи ги носел во дуќанот.
 
 
 
 
Податоците од првата половина на XIX век, за мајсторите на студено оружје, укажуваат на петмина ножари и сабјари, а во втората половина  на истиот век на деветмина. Последни мајстори кои ги среќаваме во записите за дваесетиот век се Мустафа ага и ножарот Јашар ага, кој во 1912 гододина заминал за Турција. Покрај Куршумли ан, се наоѓала и работилницата на Уста ага, ножар и сабјар, и неговиот син Јакуб кој исто така во 1916 заминува за Турција.