Драги Рашковски нема повеќе ништо, целиот свој имот го префрлил на име на неговите малолетни деца. На нивно име се водат станот во Скопје од 65 квадратни метри, и земјиште од 11 илјади квадратни метри во скопската викенд населба Побожје во подножјето на Скопска Црна Гора. Извори од Антикорупциска за ТВ 24 велат дека трансформацијата била направена во период од 17-ти декември лани до 21-ви јануари годинава.
Ова го потврдуваат документите од Катастар и УЈП, кои веќе стигнела кај Антикорупционерите. Сега се чекаат документите од МВР. Дали луксузниот спортски теренец Волво, што го возеше Рашковски, а го нема во анкетниот лист, е запишан на негово име, на име на сопругата или пак, на некој сосема трет.
Антикорупционерите чекаат од банките и банкарски сметки на Рашковски и неговата сопруга. Ќе се следат парите, сите приливи и одливи на сметките. Но и ќе се прави споредба дали имотот со кој се стегнал поранешниот генсек на Владата, одговара на приходите во семејството.
Од Финансиската полиција велат дека засега не се вклучени во истрагата, зашто постапката ја тера Обвинителството, но се подготвени на интервенираат.
„Чекаме ДКСК да не информира и да се вклучиме бидејќи тие постапуваат по друг основ. Доколку утврдат дека има разлика помеѓу имотот што е прикажан и месечните приходи што ги има, тогаш ќе се вклучи Финансиската полиција.“ – изјави Арафат Муареми, директор на Финансиска полиција .
Рашковски сега е во домашен притвор, со одземен пасош. Во куќен притвор е и Даниел Станчевски, управител на Инвока груп. А од денеска Судот им определи мерки за претпазливост и на останатите две лица, опфатени со истрагата за набавка на софтвер. Обвинителството соопшти дека донело наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување.
Обвинителството се сомнева дека Рашковски ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Со тоа е предизвикана финансиска штета врз државниот буџет во висина од речиси 180 илјади евра.