Распишан е конкурс за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ 2023

Сподели

 

Одборот за доделување на државната награда „Мето Јовановски“, денеска (7 ноември, 2023) распиша конкурс за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ во 2023 година.
 
Конкурсот за поднесување иницијатива за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ како највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права ќе трае до 17 ноември, 2023 година.
 
Наградата се доделува на 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. Во рамки на овој конкурс може да се доделат најмногу две награди.
 
Сите потенцијални подносители на иницијатива за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ во наредните денови да достават биографија, портфолио на постигнувањата и опис на акцијата за која сметаат дека предизвикала позитивна промена во одредена област на човековите права за која се поднесува иницијативата.
 
Текстот на иницијативата (комплетиран) треба да се достави во 15 примероци, а трудовите (книги, публикации и сл.) се третираат како прилози и треба да се достават во најмалку еден примерок. Адресата на којашто треба да се достават иницијативите е: Министерство за култура на Република Северна Македонија – Одбор за доделување на државната награда „Мето Јовановски“, ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр. 61, Скопје, Република Северна Македонија.
 
Повеќе информации може да најдете на веб страната на Министерството за култура.