Развиена велосипедска мрежа и зеленило на површина од 30 000 м2 на Кале

Сподели

 

Развиена велосипедска мрежа, зеленило на површина од 30 000 м2, широки тротоари, сообраќајни решенија, пренамена на објекти и намалена катност, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во емисијата „Македонија наутро“ на МРТВ зборуваше за новите предлог ДУП-ови на Кале.

„На Кале има развиена примарна и секундарна мрежа за велосипедски патеки. Во дел велосипедските патеки се на двете страни на улицата, а некаде се само од едната страна. Има и велосипедска патека која е на самиот Кеј и на ул. Самоилова но и на Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2. Тротоарските патеки претходно беа 1,5 метри во новиот предлог ДУП се прошируваат на 3 метри со што ќе има место за дрворед, а меѓу него да има велосипедска и пешачка патека. Во секој план се трудиме да го прошируваме просторот за движење и возење велосипеди.“, изјави Герасимовски.

Герасимовски рече дека во предлог плановите на Кале се отстрануваат згради за да се направат паркови и уредено зеленило.

„Отстрануваме згради за да правиме паркови, отстрануваме хотел за да се направи што поголем пат и ниско зеленило за уредување на паркирање. Дополнително ја намалуваме катноста, на хотел приземје со 6 ката наш предлог е истиот да биде приземје со три ката. Првпат во тој дел цртаме и градинка за 80 дечиња. Досега во делот на Кале и немало градинка. Се бориме и стремиме да носиме подобри планови“, изјави Герасимовски.

Нови планови има и за населбата Крњево кој е во процедура на носење. Герасимовски рече дека  општината доставила документација во планерската куќа во Градот Скопје кој е во разгледување чекаме по што се чека на одговор дали истиот ќе има забелешки.

„Планот на Кале и планот на Крњево нема да бидат тие коишто првично ги предложуваме. Може да има одредени барања од Комисијата за урбанизам кои доколку не бидат прифатени ќе се направат дополнителни измени во тој дел и на Кале и во Крњево. Планот на Маџир Маало е во Министерство за транспорт и врски, пратен е со одредени забелешки поради тоа што знаете дека беше актуелен поради големиот број на хотели. Дополнително е во процедура и планот за Клинички Центар, во завршна фаза е и истиот е во Министерство за транспорт и врски слушнавме дека ќе има одредени забелешки коишто ќе бидат доставени во општината за да се направат поубави сообраќајни решенија и дополнително паркинг простор“, рече Герасимовски.

Намерата на Општина Центар е што подобри решенија во детално урбанистичките планови за што подобра функционалност и задоволување на потребите на граѓаните.