РЕФОРМИ НИЗ ИГЛЕНИ УШИ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели

Никој и не очекуваше дека со смената на власта длабоко закоренетиот тоталитарен режим на Груевски ќе биде брзо раскопачен и подготвен за најавената реформска сеидба. Имаше реални проценки дека тој процес, со оглед на контаминираната политичка почва од корупција, криминал, партизација на институционалниот систем, ќе биде долг и мачен сѐ до конечното изорување на последната мочуришна бразда. Но, сепак постоеше уверување, особено во мнозинскиот дел на демократската јавност и при сите негови отпори, опструкции, подметнувања, тој режим не ќе може да ги издржи предизвиците на новото време и дека со една порешителна и поенергична политичко-правна итервенција, успешно ќе бидат деактивирани неговите последни упоришта.

Се покажа меѓутоа, дека злосторничкиот проект на Груевски, иако фрлен на колена и самопрежален, постојано изнаоѓа празен политички простор, не колку да се бори за својот натамошен опстој, колку со сите сили да ги блокира и оневозможи реформските процеси и да нанесе што поголеми штети на македонскиот демократски развој. Притоа, користејќи ја толерантноста и попустливоста на новата власт, решена докрај да ги почитува уставно-правните и демократски процедури во разрешувањето на повеќегодишната криза, за да не даде поводи што би биле окарактеризирани како политичка пресметка и реваншизам, раководоството на ДПМНЕ сиот свој опозициски потенцијал го употреби за создавање на перманентни парламентарни блокади, често низ мајтапење со деловничките протоколи, со цел да го спречат протокот на клучни законски решенија, кои би овозможиле побрз напредок и просперитет на македонската држава.

Ако се има во предвид дека само за смената на јавниот обвинител Зврлевски, еден од заштитниците на криминалот, беа потрошени 16 парламентарни седници, можеби ќе бидат потребни уште толку за избор на негов наследник, тогаш може да се претпостави колку месеци или години ќе треба да поминат за да се стигне до финиширање на реформските зафати во областа на судството, безбедносните служби, економијата, културата, судбински значајни за нашето граѓанство.

Можеби некој ќе рече, сето тоа е допуштено и во духот на новата демократска пракса, односно дека опозицијата има право да ги користи сите парламентарни можности во остварувањето на своите политички цели. Но, каква е смислата и која е нејзината партиска корист од ваквата стратегија да се попречува напредокот и развојот на државата, да се работи против подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, каде што спаѓа и најширокото нејзино членство, исто така осиромашено и исцрпено од економската стагнација и ограбувањето на народниот имот, да не се поддржува јакнењето на правниот поредок и заштитата на човековите права и слободи? Зарем тоа не се целите кон кои се стреми секоја политичка партија која што себе си се смета за демократска па, дури и национално посветена?

Очигледно сиот овој циркуски жонглерај има само една цел: заштита на нејзиниот лидер и на останатото водство од кривични прогони и судска одговорност, по цена и на понижувачка самобламажа на партијата која непрекинато тоне во длабочините на политичката безидејност. Проследете ги за момент празните, здодевни и бесмислени монолози на нејзиниот парламентарен фронтмен Илија Димоски: ненаситна пакост и злоба во секој изговорен збор, врвен цинизам и манипулаторство во секој негов настап, нескриена радост и наслада од нанесените навреди и омаловажувања на своите политички противници. Верувате ли дека понекогаш и самиот не чувствува срам од безумностите што ги тресе од парламентарната говорница? Од комедијантската улога што му е доделена во партискиот штаб, каде што неговиот лидер прави непрегледни списоци на глумци и статисти со подготвени реплики и контра-реплики? Меѓутоа, покорноста  послушноста, додворништвото кон лидерските наредби, секогаш добиваат примат пред личниот образ и дигнитет на неговите верни поданици.

Впрочем, тоа е и главната причина што ДПМНЕ како најсилна опозициска партија пропушта шанса да сврти нова страница во своето дејствување, да прерасне во влијателен фактор на македонската политичка сцена во нејзината демократска преобразба и во севкупниот развој на земјата.

Орамена во стегите на една промашена и погубна политика, оваа партија продолжува да биде браник и закрилник на сите видови криминали и незаконитости организирани во злосторнички сојуз, со кој што раководеше и за жал сеуште непречено управува нејзиниот челник!