Насловот го крадам од мојот стопанин Тошо, кој умее до бескрај да се мајтапи со нашите апсурди, предрасуди и стереотипи, било политички, било општествени, било животни. Иако избегнувам конкретни поводи, овој пат навистина сум инспирирана од вчерашната прес – конференција на СЈО, од која произлегоа безброј неверојатно духовити ФБ статуси на тема: гаќичките на Ивона од 500 евра.
Ми навираат многубројни асоцијаци и варијации на темата „гаќи“ во македонската фолклорна традиција, бидејќи, меѓу другото, ова парче долна облека симболизира и покривање на резилот. А, пак, симбол на резилот, срамот и бедата (пред сé, морална) во нашата мудра и неповторлива традиција, е голиот задник. Кога гаќите (маските) паѓаат и на мегдан излегува голиот задник (вистинското лице) на власта и на нејзините најсервилни поданици, тогаш сé е јасно, сé се гледа, бидејќи тогаш и само тогаш „царот е гол“.
Да криеш данок пред очите на „подзамижаниот“ УЈП-ДПМНЕ и „толерантната“ Финансиска полиција-ДПМНЕ, а за тоа да не те гони МВР-ДПМНЕ и згора на сé, да се заебаваш со државата-ДПМНЕ и цинички да си спискаш 500 евра за долна облека, според моето поимање на реалноста, значи дека си забеган. Забеган, не во раскалашеноста, веројатно Меланија Трамп и куп холивудски селебритис можат да си го дозволат тоа, туку во соочувањето со реалноста. И во демонстрацијата на едно безочно лицемерие, бизарна малограѓанштина и плукање в лице на верните тврдокорни поддрржувачи од Заедничка Македонија, кои секоја вечер дисциплинирано протестираат против албанизацијата на Македонија.
А кога сме веќе кај асоцијациите од споменатата тема, еве некои од нив:
Гаќичките на Ивона се парадигма на вулгарното лице на груевизмот и неговиот еталон за октроирање двојни стандарди.
Гаќичките на Ивона се симбол на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ.
Гаќичките на Ивона се метафора и на пијаниот Диме Спасов, кој со државно возило и со приватна пријателка кршеше автомобили и бегаше пред полицијата.
Гаќичките на Ивона се слика и на мерцедесот од 600 илјади евра на Груевски со телевизори на задните седишта, за да можат децата да му гледаат цртани филмови.
Гаќичките на Ивона се лицето и опачината на еден первертиран систем на вредности и манипулации со сиромашните граѓани.
Гаќичките на Ивона се личната карта на од улица собраните кибритџии и неранимајковци распоредени во владата на Груевски.
Гаќичките на Ивона се солзите на родителите чии деца си отидоа од мојата земја.
Гаќичките на Ивона се екранизација на медиумско комесарскиот апарат за водење специјална психолошко – пропагандна војна против сопствениот народ.
Гаќичките на Ивона се двомесечна плата на јадосаните работнички на Дрекселмаер.
Гаќичките на Ивона се и даскалската депресија како да се истера месецот со професорска плата.
Гаќичките на Ивона се и бостанското плашило со кое моите земјоделци ги принудуваат да доаѓаат на протести против албанската платфрома.
Гаќичките на Ивона се и негација на албанската платформа.
Гаќичките на Ивона се и ветерот за растерување на чадната завеса со која се кријат вистинските причини за македонската политичка криза.
Гаќичките на Ивона се диоптријата преку која многу работи се гледаат поинаку.
И конечно, гаќичките на Ивона се белото знаме на последната линија на уривање на груевизмот, преку неговото целосно политичко разгаќување.
Не сакам да живеам во Република Гаќедонија.